ПОРАКИ ОД ЕСНАФОТ Среде секоја тешкотија лежи можност

108

Новиот Предлог-закон за медијација кој е во собраниска процедура, има за цел да се обезбеди унапредување и натамошен развој на медијацијата, имајќи ја секако во предвид определбата на нашата држава за унапредување и успешно функционирање на медијацијата кај нас.

Новина во законот е и воведување на основни поими за медијација со кои се врши дефинирање на позначајните термини кои се употребуваат во Законот за медијација. Се пропишуваат видовите на медијација која е определена како доброволна, договорна и законски определена, а се уредува и можноста за медијација во прекуграничните спорови, што е во согласност со насоките за развој на медијацијата на CEPEJ – MEDIATION DEVELOPMENT TOOLKIT July 2018, Implementation of the Mediation Directive Workshop Directorate General for Internal Politics Policy Department C – European Parlament и националното законодавство – Законот за облигационите односи, Законот за парничната постапка и постојниот Закон за медијација.

Најголемите измени се во начинот на спроведувањето и полагањето на испитот за медијатори со оглед на тоа што наместо досегашниот концепт на електронско полагање на испитот се воведува полагање испит за медијатори еднаш годишно пред Испитна комисија формирана од министерот за правда, во состав од 5 члена и нивни заменици, од редот на судии, професори од акредитираните универзитети во Република Северна Македонија и лиценцирани медијатори. Испитот се полага во два дела: теоретски и практичен – студии на случај според програма за полагање и спроведување на испитот која ја донесува министерот за правда.

Инаку, медијацијата како еден од алтернативните начини на решавање на споровите во Република Северна Македонија беше промовирана со донесувањето на Законот за медијација во 2006 година, кој беше изготвен во согласност со Стратегијата за реформа на правосудниот систем 2004-2007, како и определбата на Република Македонија за интегрирање во европските текови. Притоа, клучниот фактор за внес на медијацијата беше можноста да се помогне врз растеретувањето на судството.

Со цел да се обезбеди натамошно унапредување и развивање на медијацијата во Република Македонија во 2013 година беше донесен нов Закон за медијација („Службен весник на РМ“ бр. 188/13), кој започна да се применува девет месеци по денот на влегувањето во сила, заради неименување членови на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата. Екстремно сложениот концепт на електронското полагање на испитите за медијатори дополнително ја одложи примената на законот, кој реално започна со примена во февруари 2016 година. Сето тоа предизвика Комората на медијатори да се конституира дури во јули 2017 година.

Оттука се јавуваше и реалниот проблем дека бројот на пријавените и запишаните предмети во Регистарот за евиденција на постапките на медијација кој го води Министерството за правда не соодветствува со реалноста, ниту пак со поединечните регистри на предмети на медијаторите.

Исто така, свеста за предностите на медијацијата во сите домени каде има медијабилност во постапките се’ уште остана ниска и се` уште потребно е да се работи на нејзиното натамошно јакнење.

Последните години забележан е тренд на драстично намалување на бројот на постапките пред судовите скоро и тоа за три пати и изнесува нешто повеќе од 600.000 предмети во 2018 година. Генералниот тренд на опаѓање на бројката на судските предмети, соодветно се рефлектираше на бројката на трговските предмети во судовите, па така ако истата во 2008 година изнесувала 18.000 предмети, во 2018 година достигнала нешто над 1800 предмети. Тука треба да констатираме дека падот на предметите не се должи на споровите решени со медијација, бидејќи бројката иако е драстично порасната во однос на минатото и понатаму останува ниска. Па така, ако вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година беше на многу ниско ниво застапена, веќе од 2017 година се забележува драстична разлика во тој поглед. Според достапните информации, лиценцираните медијатори кои во моментов се 45 на број, до крајот на 2019 година прикажале внес на повеќе од 2.000 предмети во Регистарот за евиденција на постапките за медијација на Министерството за правда.

Според податоците од Министерството за правда на РСМ, во 2017 година лиценцираните медијатори пријавиле во Регистарот на Министерството за правда 982 медијации, од кои 857 постапки по основ на работни спорови – сите се завршени со постигнати спогодби, 92 постапки се по основ на стопански спорови (од кои 19 завршиле со спогодба), 32 се по основ на осигурителни спорови (26 завршиле со спогодба). Во 2018 година медијаторите пријавиле 293 постапки, од кои 66 по основ на работни спорови, 214 по основ на стопански спорови (при што 68 предмети завршиле со спогодби), 12 медијации по основ на осигурителни спорови (3 спогодби).

Бројките покажуваат дека страните кои влегле во постапка на медијација, имаат голема шанса да го надминат спорниот однос со својата спротивставена страна. Па така, од вкупно 1364 предмети кои до средината на минатата година се евидентирани во Регистарот на Министерството за правда, 1079 завршиле со спогодба, односно 79%. Податоците покажуваат дека вака високиот процент, пред се` се темели на работните спорови, кои скоро 100 процентно завршуваат со постигнати спогодби, меѓу работниците и работодавачот. Но, не е занемарлив и податокот во однос на стопанските спорови. Имено, од 395 медијации по овој основ пред медијаторите, 129 или 32,6% завршиле со постигнати спогодби и им овозможиле на страните да ги користат сите предности на медијацијата, а пред се` принципот на win – win ситуација, во која и двете страни го имаат чувството на добивка, се отстранува желбата на поразената страна по пресудата да бара некаква одмазда преку жалба, нови постапки или други мерки, кои неретко резултираат со огромни финансиски издатоци за секоја од страните. Особено чувствителна сфера остануваат трговските спорови од мала вредност. Токму кај нив во март 2019 година со објавената Економска анализа на трошоците и придобивките во споровите од мала вредност на Центарот за правни истражувања, се укажа на околноста дека трошоците на постапката и бројот на одржаните рочишта, особено пред одредени судови во земјава, ја доведуваат во прашање целисходноста на барање на судска заштита за спор од мала вредност.

За таа цел, со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за 2017-2022 година и Акциониот план, нашата држава се обврза на натамошен развој на медијацијата и надминување на критичните точки и лоцираните проблеми во врска со испитот за медијатори, промоцијата и популаризирањето на медијацијата, потребата од поблиско уредување на работењето и надлежностите на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.

Затоа, според податоците од Министерството за правда на РСМ кој е предлагач на новиот Предлог-закон за медијација, при изработка на Законот, се продолжи со следење на европските искуства, и тоа како на Советот на Европа, така и на Европската унија.

Особено корисни се покажаа Алатките за развој на медијацијата на ЦЕПЕШ, од јуни 2018 година. Имено, веќе две децении Советот на Европа работи на креирање на правни инструменти за развој на медијацијата и други форми на алтернативно решавање на спорови (ADR) во граѓански, семејни, казнени и административни работи. Министерството за правда на РСМ, освен Директивата 52 (2008) за медијацијата, веднаш ги преведе на македонски јазик и Алатките за развој на медијацијата, со цел да се создадат предуслови за непречено користење и црпење на идејни решенија при креирањето на законското решение.

Забелешка за сѐ уште слабото користење на медијацијата кај нас, се провлекува со години наназад во Прогрес-извештајот на Европската комисија и во таа насока треба да се зајакне свеста за медијацијата и треба да се работи на нејзина актуелизација и промоција.

Оттука, целта на Предлог-законот за медијација според надлежните институции е приближување на земјата кон Европската унија, која пак во ситуација на разрешување на конфликтни и спорни ситуации, акцентот го става на алтернативното решавање на споровите и медијацијата како еден од нив. Со унапредувањето на постојното законско решение ќе се овозможат услови за успешна примена на законот во пракса, ќе се овозможи воедначена примена на законските одредби од страна на сите медијатори, ќе се промовира медијацијата и резултатите од нејзината примена. Во новиот Предлог-закон за медијација разработени се начелата на медијацијата целосно усогласени со Директивата на Европската унија 2008/52/ЕС за медијација во граѓанските и стопанските спорови како што се начелото на доброволност на медијацијата, начелата на рамноправност и неформалност, непристрасност, доверливост, достапноста на информациите од медијацијата во другите постапки, еднаквост на страните, правичност, ефикасност и економичност.

Донесувањето на новиот Закон за медијација којшто е во собраниска процедура ќе предизвика потреба за измена на Законот за парнична постапка и Законот за облигациони односи. Донесувањето на Законот ќе предизвика потреба за донесување на подзаконски прописи кои треба се донесат во рок од 3 месеци од денот на влегување во сила на законот.

Стопанската комора на Македонија согласно стратешките правци за идно нејзино делување, како и до сега ќе продолжи со афирмирање и промоција на алтернативните начини на решавање на стопанските спорови. Стопанската комора на Македонија активно ќе продолжи со процесот на промоција и афирмација на медијацијата преку организирање на семинари и обуки за компаниите, како и други проекти во насока на популаризација на оваа алатка.

 

(Став на Јелисавета Георгиева-Јовевска, потпретседател на Стопанката комора на Македонија)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...