Познатата новинарка и водителка Дивна Карлеуша, која вчера почина на 61 година, во едно од нејзините последни интервјуа ја раскажа својата животна приказна.
– Уште во средношколските денови победував на натпревари во рецитирање, но и во пишување песни. Сакав да се запишам на Ликовна академија бидејќи одлично цртав, но не ме примија. И денес сликањето ме опушта, па знам да си сварам кафе, да пуштам музика и по цела ноќ да бојам на платното. Инаку, се запишав на правен факултет, но не го завршив. Се вљубив, се омажив и станав мајка – раскажала Карлеуша.
Првата голема љубов ја запознала на 17 години. Драган ѝ бил сосед и 11 години постар од неа. Се забавувале три години, а потоа одлучиле да се венчаат кога Дивна останала бремена.
„Јелена е плод на љубовта бидејќи тинејџерските љубови се најсилни. Подоцна во животот имаше и побурни и можеби поубави, но така искрени врски никогаш. Можеби тоа искуство и Јелена можам да кажам дека беа главната причина што не се премажив“, открила таа во една прилика.
Како новинарка и водителка, Дивна Карлеуша првите чекори во професијата ги направила во информативната редакција на „Радио 202“. Подоцна повеќе била фокусирана на естрадните случувања.
„Имав работа која ми причинуваше задоволство, но и голем замор. Кога работев, Јелена ја чуваа мајка ми и тетка ми. Не беше темпото на работа причина за мојот развод. И мојот поранешен сопруг имаше специфично занимање. Звучи како фраза, но некомпатибилноста на нашите карактери доведе до разидување по седум години заеднички живот. Сфативме дека подобра варијанта е добар развод отколку лош брак. Денес тој има прекрасен брак, преубава жена и два сина кои се преслатки“, објаснила Карлеуша во едно интервју.