Поради Брегзит, Белгија бара флексибилност од ЕУ за правилата за државна помош

49

Белгиската Влада ќе побара од Европската Унија да ги омекне привремено строгите европски правила кои се однесуваат на државната помош за приватните компании поради Брегзит, јави дописничката на МИА во Брисел.

Според правилата на ЕУ, државната помош за компании е нелегална кога таа доведува до нерамномерни услови на конкурентност на пазарот. Доколку една држава сака да помогне приватна компанија, таа мора да добие претходно зелено светло од Европската Комисија, која утврдува дали државната помош ќе ги стави услови за фер конкурентност во опасност.

Меѓутоа, со растечкиот ризик од Брегзит, и посебно Брегзит без договор, белгиската влада смета дека овие правила треба да бидат пофлексибилни, највеќе за земјите кои највеќе ќе ги почувствуваат последиците.

Белгија ќе побара овие правила привремено и на прецизно дефиниран начин да се омекнат, соопштува кабинетот на белгискиот премиер, Шарл Мишел.

Притоа, Белгија бара и од Европската Комисија да заземе постојана улога на координатор во ЕУ во рамките на подготовките за Брегзит без договор, за да може да врши мониторинг врз условите за фер конкурентност помеѓу сите 27 земји членки. Белгија ќе продолжи да бара, како и до сега, механизам на компензација за земјите кои се најпогодени од Брегзит, односно соседите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...