Деблокирање на деталните урбанистички планови, реален, а не фиктивен регионален развој, реформа на администрацијата, но и попис на население со графа националност, односно етничка припадност на потрошувачите, бара Стопанската комора на Северозападна Македонија. Од Комората побараа поголемо трпение кон компаниите при примената на Законот за данок од доход, како и реализирањето на ветеното од страна на Владата за подобрување на условите за работа на индустриската зона Визбегово. Очекуваат следната година институциите да имаат поголем слух за барањата на бизнисите.
Од реализацијата на овие барања, како што рече на денешната прес-конференција, претседателот на Комората, Неби Хоџа, ќе зависи растот на приватните инвестиции, зголемувањето на бројот на вработени, како и развојот на регионите.
– Потребно е деблокирање на деталните урбанистички планови во општините Карпош, Центар и во некои други за да се овозможи инвестициониот циклус на компаниите да продолжи. На средбата што ја имавме со премиерот ни беше речено дека веќе се прават промени во законите па очекуваме состојбата да се реши – рече Хоџа.
Според него, државата треба да го направи пописот кој е од битно значење и за плановите на бизнисмените.
– Бараме во пописот да се вметне и графата националност која е од значење за производните планови на компаниите. За нив се важни културолошките навики на населението односно потрошувачите за да можат да планираат кој производ можат да го пласираат – рече Хоџа.
Извршниот директор на Комората, Дрилон Исени, пак дополнително им појасни на новинарите дека тоа во практика би значело дека во Шипковица каде што нема православно население (Македонци) не е логично да се продава свинско месо.
За Исмаил Даути, почесен претседател на Комората од значење е власта повеќе реално, отколку фиктивно да се посвети на спроведувањето на децентрализацијата со што ќе се обезбеди и рамномерен регионален развој.
– Ние имаме развиено добар систем на рамномерен регионален развој, но законот не се спроведува како што треба. Ако се спроведе тогаш ќе се овозможи и да се види подготвеноста на локланите власти да ја преземат одговорноста. Претходната влада на ова прашање не обрнуваше внимание, а оваа направи само формални потези – рече Даути.
Од Комората на Северозападна Македонија очекуваат владата да се позанимава и со индустриската зона Визбегово и да ги реши проблемите кои се актуелни веќе неколку децении.
Исто така, очекуваат и одговор на 36 барања дадени на почетокот на годината и повторени на средбата со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев од кои само две биле одговорени.
– Вицепремиерот Анѓушев ни вети дека до 31 декември ќе одговори уште на 34 од нашите барања меѓу кои е и обештетувањето на фирмите за поплавите во Сингелиќ – рече Хоџа.
Според него, тоа во многу ќе ја поправи оценката за деловната клима дадена во анализата направена од СКСЗМ која покажува дека 71 отсто од бизнисите деловната средина ја оценуваат како еднаква или полоша од онаа во земјите од регионот.
Оценка на Комората е дека економски раст од 2,8 отсто во 2018 е можен само ако се реализираат над 85 отсто од капиталните инвестиците.
– До третиот квартал се реализирани 40 отсто планираните капитални инвестиции, а до крајот на годинава ако се реализираат 85 отсто тоа ќе значи и достигање на планираната стапка на раст од 2,8 отсто – рече Хоџа.