Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, ќе ја откаже посетата на Москва за време на престојот во Русија, но во одморалиштето Сочи, сепак, ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, соопшти Стејт департментот.
Помпео денеска полета со авион од базата „Ендрјус“ во близина на Вашингтон кон Брисел, каде што ќе разговара со европски претставници за Иран и други прашања пред да го продолжи патувањето кон Русија, информира неименуван американски претставник.
Европските земји минатата недела соопштија дека сакаат да го зачуваат нуклеарен договор со Иран, но тие го отфрлија „ултиматумот“ на Техеран, откако Иран ги намали ограничувањата поврзани со неговата нуклеарна програма и се закани со потези, со кои би можел да го прекрши меѓународниот договор од 2015 година.
Иранскиот потег за намалување на ограничувањата во поглед на складирање нуклеарен материјал е одговор на американските санкции воведени откако претседателот на САД, Доналд Трамп ја повлече земјата од договорот со Техеран пред една година.
Помпео требаше во Москва да се сретне со американските дипломати во Амбасадата на САД во тој град пред средбата со американските бизнис лидери, а првично беше планирано да положи венец на гробот на незнајниот јунак во чест на борците против нацизмот.
„Гласот на Америка“ објави дека Помпео заминува за Сочи на разговори со Путин и Лавров.
Државниот секретар на САД пристигна во Русија, неколку недели пред почетокот на самитот на Г-20 во Осака, Јапонија, на кој ќе присуствува американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин.