Помпео бара ослободување на сите државјани на САД уапсени во Турција

56
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS

Американскиот државен секретар Мајк Помпео денеска побара од Анкара да бидат ослободени сите државјани на САД уапсени во Турција, меѓу кои и поранешниот научник на НАСА со турско потекло Серкан Ѓолге.

Како што соопшти Стејт департментот, ваквото барање Помпео го изнел на денешната средба во Анкара со турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу.

Новото барање на Вашингтон следи откако пред неколку дена од домашен притвор во Турција беше ослободен американскиот пастор Ендрју Брансон, кој веќе се врати во САД.

Помпео во Анкара, покрај со Чавушоглу се сретна и со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, при што разговарале за случајот со исчезнатиот саудиски новинар Џамал Кашоги.

Кашоги исчезна на 2 октомври откако отиде во Саудискиот конзулат во Истанбул за да обезбеди документи за неговата венчавка, по што му се губи секоја трага. Постојат сомнежи дека Кашоги бил убиен во Саудискиот конзулат.

Серкан Ѓолге, пак, беше уапсен при посета на неговото семејтсво во Турција, под сомнеж дека е приврзаник на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека стои зад обидот за преврат во 2016 година. Иако Ѓолге ги отфрли ваквите обвиненија, сепак беше осуден на 7,5 години затвор. Минатиот месец затворската казна му беше намалена на пет години.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...