Реализацијата на тековните проекти финансирани од Инструментот за претпристапна помош на ЕУ, финансиската помош од 15 милиони евра од ИПА за 2019. која што е во фаза на програмирање, беа разгледувани на редовниот работен состанок на Секторската работна група во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
– Развојот на земјоделството зависи од политиките и мерките што ќе ги имплементира Министерството во соработка со сите чинители од секторот земјоделство. Секторската работна група ќе служи како платформа за поставување на политиките и перспективите од заеднички интерес, со цел креирање ефикасни политики за развој на земјоделството. Работната група ќе се осврне на потребата за приспособување на земјоделската политика во земјата, врз основа на релевантни детални анализи, истовремено земајќи ги предвид неопходните прилагодувања поради процесот на приближување кон ЕУ“ – рече министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.
Раководителот на секторот за соработка на Делегацијата на Европска Унија, Никола Бертолини, порача дека ваквите средби придонесуваат за успешна реализација проектите што се финансираат од ЕУ, затоа што во комуникација со јавниот сектор се добива прецизна информација што треба да се сработи и каде треба да се инвестира. Бертолини ја пофали работата на Секторската работна група на МЗШВ, како најдобра од сите три со кои ЕУ во моментов работи.
– Се гледа голема посветеност во реализацијата на проектите. На овој начин ќе може да има развој на национално и на регионално ниво, и регионите поделени на просечни и потпросечни да се донесат на ниво на израмнување со што би се подобрила конкурентноста помеѓу нив – рече Бертолини.
Дел од крупните проекти кои ги спроведува МЗШВ со помош на ЕУ, се проектите во делот на консолидација на земјоделското земјиште, руралниот развој, шумарството, Платежната агенција, храна и ветеринарство, заедничка организација на пазарот за земјоделски производи, системите за наводнување и фитосанитарната политика.
Во следниот период Секторската работна група ќе се посвети на постојана координација и комуникација и запазување на динамиката на реализација на проектите.