Норвешката фондација „Рафто“ годинава наградата Рафто за заштита на човековите права им ја додели на полскиот јавен правобранител Адам Боднар и на Јавното правобранителство на Полска.
– Адам Боднар се истакна како заштитник на демократијата, на малцинствата и на фундаменталните права – се наведува во образложението на наградата на Фондацијата „Рафто“.
Во текстот се посочува дека откако Право и правда (ПиС) победи на полските парламентарни избори во октомври 2015 година, „партијата го користи своето мнозинство во Парламентот за да носи закони кои ја ограничуваат независноста на судовите и ја зајакнуваат централната власт“.
– Новите закони и овозможуваат на Владата контрола над јавните медиуми и воведуваат строги ограничувања на слободата на новинарството и на политичкото лобирање, се истакнува во образложението.
Фондацијата нагласува дека во такви услови 41-годишниот Боднар се истакнал како главен заштитник на демократските вредности и на правата на ранливите групи во Полска.
Боднар, кој е полски омбудсман од септември 2015 година, како носител на јавна функција не може да ја прими паричната награда од 20.000 долари, па реши средствата да и ги префрли на една полска организација за заштита на човековите права.
Фондацијата за човекови права „Рафто“ е формирана во 1986 година во сеќавање на норвешкиот професор по економска историја и активист за заштита на човековите права Торолф Рафто. Главни цели на Фондацијата се промоција на слободата на политичкото изразување и за таа цел спроведува различни образовни и информативни проекти.
Фондацијата, чие седиште е во норвешкиот град Берген, секоја година доделува награда на поединци или институции за нивниот придонес за заштита на човековите права и демократијата.
ФОТО: Видео