Позитивна оценка од Светска банка за прогесивното оданочување

Во анализата Светска банка се вели дека зголемувањето на прогресивноста на персоналниот данок на доход, би резултирало со прибирање на поголем дел од приходите од богатите отколку од сиромашните.

107

Светска банка го поддржува воведувањето прогресивно оданочување и смета дека тоа ќе ги зголеми приходите и ќе ја подобри еднаквоста. Во анализата „Прогресивност и еднаквост во оданочувањето на личните приходи“ се вели дека со рационализирањето на даночните ослободувања и воведувањето прогресивност во оданочувањето на личните приходи ќе се зголемат приходите во буџетот и ќе се подобри еднаквоста во Македонија.

Во објавената анализа Банката за Македонија наведува дека земјата одржуваше ниски даночни стапки и нудеше даночни стимулирања за привлекување странски директни инвестиции, што, според Светската банка, имаше голема фискална цена.

Согласно анализата државните приходи во Македонија, како удел во БДП, не само што се меѓу најниските во Европа, туку и се намалувале во последните 10 години. Во 2017 година тие биле 31 процент од БДП, додека просекот на Европската Унија е 45 проценти.

Во анализата Светска банка се вели дека зголемувањето на прогресивноста на персоналниот данок на доход, би резултирало со прибирање на поголем дел од приходите од богатите отколку од сиромашните. Со оглед на тоа дека 98 проценти од даночните обврзници заработуваат помалку од 720.000 денари годишно, релативно високиот праг на приходи би донел придобивки како во делот на приходите така и во еднаквоста.

„Бидејќи имаат мал придонес во приходите Македонија има простор за зголемување на нејзините директни даноци. Персоналниот данок од доход, данокот на добивка и даноците на имот во 2017 година, заедно сочинуваа 4,5 проценти од БДП, што е значително помалку отколку во споредбените европски земји. Нешто повеќе од половината доаѓаше од ПДД, наспроти просечните 3,7 проценти во Западен Балкан и девет проценти во ЕУ“, стои во анализата.

Според Светска банка, јавните приходи во земјава се намалувале главно поради две причини: поради намалување на стапките на персоналниот данок од доход и воведување на ослободувања, вклучително и за странските инвеститори. Овие промени за привлекување на инвеститорите и за промовирање на формалното регистрирање на неформалните активности имале различно влијание, се вели во анализата.

Земјата имала успех во намалувањето на невработеноста, но тие ослободувања ја намалиле даночната основа и создале нееднаков терен за работа на бизнисите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...