Сите земјоделци кои од први јануари до 30 септември годинава ги зголемиле стадата, формирале ново стадо, подигнале нов овошен или лозов насад или засадиле повеќегодишни ароматични растенија на нови површини, од денеска до крајот на овој месец ќе може да аплицират за добивање субвенции за осовременување и модернизација на своите стопанства.
Со предвидената подршка ќе може да повратат и половина од инвестицијата за набавени оригинални или мелезни високостелни педигрирани јуници (со исклучок на расата „буша“), а се признаваат и трошоците за набавка на педигрирани машки и женски приплодни грла овци, кози, оригинални или мелезни на свињи (нерези или низимки), оригинали или хибриди од увоз или со потекло од признаени организации согласно Законот за сточарство.
– За оваа мерка од Програмата за финансиска поддршка, средствата се исплаќаат по принципот на кофинансирање на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот во висина од 50 до 75 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. За подигнување нови повеќегодишни лозови и овошни насади, повеќегодишни насади со ароматични растенија и медоносна флора (фацелија, еводија и багрем) на нови површини, прифатливите трошоци се до 2.500.000 денари – вели директорот на Платежната агенција Николче Бабовски.
За оние кои ќе конкурираат за поврат на средства за набвака на добиток од увоз или со потекло од признати организации согласно Законот за сточарство, прифатливиот трошок по корисник е до 6.500.000 денари.
Барањата се поднесуваат електронски. На земјоделците кои немаат можност сами, електронски да го пополнат барањето, ќе им помогнат вработените во подрачните единици на Агенцијата. Барателите на финансиска поддршка заедно со креираното електронско барање за исплата, треба да прикачат задолжителни електронски документи (фактури или сметко-потврда кои ги докажуваат реализираните трошоци, детални испратници за испорачаните садници/добиток, уредно заверени, Решение за запишување на земјоделско стопанство во ЕРЗС при МЗШВ не постаро од три месеци од денот на објавување на јавниот повик, фискална сметка или налог за плаќање ПП30 со извод за плаќање или налог за плаќање ПП10 со извод за плаќање на име на добавувачот, како и образец на Договор уредно заверен со потпис и печат.
– Крајниот рок за пријавување е 30 септември. Сите барања што нема да бидат електронски поднесени, нема да се разгледуваат, а нема да се земаат предвид и оние што ќе пристигнат по 30 септември, дециден е Бабовски.
Барателите кои ги исполниле условите за користење средства се рангираат со бодување, утврдено во Правилникот за поблиски критериуми за избор на корисници по мерките за рурален развој. Ако има барања со ист број бодови, рангирањето ќе биде според датумот и времето на поднесување на електронското барање.
Еден барател може да поднесе само едно барање, за една мерка, или најмногу две барања за користење поддршка по различни мерки, земајќи ги предвид и останатите мерки од Програмата за финансиска поддршка.