Поддршка до10.000 евра за млади земјоделци

Поддршката ќе ја добијат над 100 млади земјоделци

80

Во Министерството за земјоделство денеска беа потпишани првите договори од вториот повик за неповратна поддршка на млади земјоделци кои почнуваат земјоделска дејност.

Максималниот износ на поддршката е 10.000 евра, а во наредните денови треба да бидат склучени сите 102 договора од повикот.

Како што истакнаа министерот, Трајан Димковски и директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски, проекти и бизнис планови од млади земјоделци има во сите региони. Ќе се набавуваат опрема за преработка, машини, млинови, но и добиток, како и пчели.

– Со оваа мерка им излегуваме во пресрет на младите земјоделци, на младите во руралните средини кои се наш приоритет. Би нагласил дека со последните законски измени поддршката од 10.000, ќе се зголеми двојно, на 20.000 евра – рече Димковски.

Според Бабовски, на само двата повика за млади земјоделци објавени досега, склучени се 526 договори за инвестиции, а тоа подразбира и отворање работни места.

– Само со влоижување во младите ќе го спречиме нивниот одлив надвор од државата – истакна Бабовски.

Оливера Цветковска од скопско Стајковци која е невработена и има два хектара пластеници, изјави дека со добиените средства, освен што планира да го прошири производството, ќе купи и пчели, а ќе почне да се занимава и со органско земјоделство.

– Апликацијата за поддршката не е многу сложена. Побаравме помош од Платежната агенција при пополнување на потребните формулари. Соработката беше одлична. Ако некој сака да успее, ќе се потруди – рече Цветковска.

Министерот Димковски и директорот Бабовски наскоро го најавија третиот повик проектиран на поддршка до 20.000 евра.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...