САД го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина и за САД не постојат никакви паралели помеѓу Косово и Србија со Република Српска (РС), изјави денеска амбасадорката на САД во Босна и Херцеговина Морин Кормак.
– Она што ние го поддржуваме, кога е во прашање Косово, е дефинитивно дијалогот, за кој сметаме да треба да се води се додека не се дојде до решение, кое ќе биде плод на заеднички договор и на двете страни. Ние секако дека ја поздравуваме улогата која ја има ЕУ во тие разговори – изјави Морин Кормак за Радио Слободна Европа.
Коментирајќи го зачестеното споменување за нови разграничувања во регионот, како она меѓу Косово и Србија, а во контекст на домино ефектот кој би можел да се одрази на Република Српска, таа одговори дека политиката на САД е повеќе од јасна и доследна-не постојат никакви паралели помеѓу Косово и Србија и РС.
– Нашата политика е доследна кога е во прашање поддршката и посветеноста на суверенитетот и на територијалниот интегритет на БиХ. Таа е единствена држава која се состои од два ентитети. Според Дејтонскиот мировен договор, БиХ во својата структура се состои од два ентитети и тие, според овој договор немаат право на отцепување – укажа американската амбасадорка во БиХ.
Таа ја оцени како загрижувачка атмосферата во БиХ во пресрет на изборите.
– Загрижувачки е што политичарите се користат со лаги и страв како основа на кампањата, наместо на реални работи и на оние прашања кои навистина ги загржуваат граѓаните – изјави Морин Кормак.