Повредената во „Рамстор“ денеска си оди дома: Ги спасив приклештените прсти!

Д-р Софија Пејкова, директорката на Клиниката, ни изјави дека прстите на пациентката се во одлична состојба.

4281

Само пет дена по тешката повреда на работното место во „Рамстор“, кога чистејќи ја машината за месо, ги пригмечи трите прста на левата рака и по уште поголемата неизвесност дали тие ќе бидат ампутирани или сочувани, скопјанката Виолета Божиновска денеска среќна и видно расположена, си замина на домашно лекување од Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија.

Левата рака на оваа 48-годишна пациентка е уште во завој и сведочи за тешката битка што лекарскиот тим од оваа установа ја доби, почнувајќи од вторникот од 22.30 часот кога таа беше донесена со Брза помош во Ургентниот центар, до 5 часот изутрина наредниот ден, до кога траеше операцијата.

– Желбата да ги сочувам приклештените прсти беше огромна, а докторите направија сѐ така и да биде. Огромна благодарност за успешната интервенција до целиот тим на Пластична хирургија, посебно до директорката Софија Пејкова и до асистентката Гордана Георгиева, кои вечерта се погодија на дежурство, но и до другиот персонал, којшто и за време на тешката операција и потоа се грижат за мене цело време. Секунда требаше, додека ја чистев машината, таа да ми ги приклешти прстите, и покрај 23-годишното работно искуство што го имам. Пресреќна сум што сепак останав присебна и што махинално ги исклучив сите три копчиња. Останав свесна и цело време додека пожарникарите интервенираа – вели возбудено Виолета, која е самохран родител, па имала и мотив плус да биде дополнително оптоварена од трагичниот  настан што ѝ се случи на 1. октомври.

Таа додава:

– Особено ме радува што целиот труд и напор на лекарите тука вродија со плод и што цело време ми влеваа надеж дека сѐ ќе биде во ред со моите прсти и што во ниеден миг не се откажаа од оптимистичките прогнози. Да сме среќни што имаме вакви доктори, а се надевам дека успешно ќе закрепнам и дека скршениците на прстите добро ќе зараснат и дека сѐ ќе биде во ред.

Виолета и денеска преку нашиот медиум, кој објави за оваа повреда на работното место во маркетот „Рамстор“ во ТЦ „Капитол“ во Аеродром уште вечерта кога таа се случи, упати голема благодарност до компанијата „Рамстор Македонија“ за поддршката и грижата што ја добива од претпоставените и од колегите.

Други детали од миговите кога се случила повредата, Божиновска не сакаше да сподели со јавноста.

Д-р Софија Пејкова, директорката на Клиниката, ни изјави дека прстите на пациентката се во одлична состојба.

– Денеска ја пуштаме дома пациентката, постоперативниот тек е добар, а ги почитуваме принципите на пластичната хирургија. Претстои процес на зараснување на коските по здобиените тешки скршеници, но најопасна беше васкуларната траума што таа ја имаше. Најважно е што не се ампутирани прстите, тие се витални, и покрај тоа што пациентката беше тешко повредена и можеше да ги изгуби прстите – вели д-р Пејкова, која со нејзината асистентка д-р Гордана Георгиева, и со другиот медицински персонал ја оперирале Виолета.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...