Повеќе пари за жени претприемачки и воведување на сексуално образование

257

Да се зголемат финансиските средства за субвенционирање на жени претприемачи, да се зголеми заложбата за квотата 50 отсто за жени на листи на парламентарните и на локалните избори, во најкус можен рок да се изготви подзаконски акт согласно Законот за основно образование, со кој ќе се уреди процедурата за пријавување и заштита на ученици и ученички од насилство, да се воведе сеопфатно сексуално образование како задолжително и за предучилишна и за училишна возраст, градоначалниците и министрите да отворат ново, посебно работно место во систематизацијата за координатор за еднакви можности.

Ова се само дел од заклучоците од денешната јавна расправа за извештајот за спроведување на Стратегијата за родова еднаквост за 2018 година, организирана од собраниската Комисија за еднакви можности.    

На јавната расправа беше посочено дека членовите на Комисијата во соработка со Клубот на пратенички ќе организираат теренски посети на жени во текстилната и кожарската индустрија, како и на притворските оделенија и казнено-поправните установи во кои се сместени жени, а еден од заклучоците е и да се посвети внимание на улогата на патронажната служба и достапноста на жените до гинеколози во секоја општина. Комисијата треба исто така да организира надзорна расправа за имплементацијата на  Законот за еднакви можности на жените и мажите, а ќе се направат напори и за зголемување на присуството и учеството на мажите пратеници во работата на оваа Комисија.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска истакна дека годинава се издвојуваат двојно повеќе средства за поддршка на жртвите од родово базирано насилство. На 9 октомври 2018 година Владата  го усвои Националниот акциски план за имплементација на Истанбулската Конвенција за период 2018-2023, најави формирање на работна група за изработка на предлог-Закон за родово базирано насилство.

-Оваа година имаме издвоено двојно повеќе средства, односно шест милиони и 400 илјади денари за имплементација на Конвенцијата и отворање на сервиси за поддршка на жртви од родово базирано насилство, се со цел да ја зајакнеме заштитата. Сепак, би сакала да истакнам дека превенцијата е она што е најмногу потребно во нашата држава. Кога ќе се случи жртва правиме максимум да ја заштитиме и тоа да не се повтори, но многу подобро за државата ќе биде да најдеме начин тоа да го превенираме и токму во оваа насока работиме, истакна Царовска.

Во контекст на Истанбулската конвенција се воспоставени три центри за упатување на жртви на сексуално насилство, каде може да се обезбеди интегриран и целосен одговор на жртвите. Мобилни тимови на МВР и МТСП ќе придонесат кон продлабочување на соработката помеѓу овие две институции со цел идентификација на ранливите категории лица, меѓу кои спаѓаат и жртвите на трговијата со луѓе. Мобилните тимови се составени од социјален работник, полициски службеник и претставник од граѓанскиот сектор и официјално почнаа да функционираат во март 2018 година. МТСП со UN Women започна со активности за воспоставување на Ресурсен центар за родово одговорно креирање политики и буџетирање. Центарот ќе обезбедува експертска поддршка, добри практики, истражувања и обуки за градење на капацитетите на државните службеници во областа на родовото одговорно буџетирање.

Заедно со Агенцијата за вработување, МТСП настојува на еднакво учество на мажите и жените во активните програми и мерки за вработување, како и учество на младите лица до 29 години, од најмалку 30 отсто.

-Се радувам што стигнавме до 50 проценти искористеност на активните програми и мерки за вработување од страна на жени. Тоа значи дека едноставно мерките се поадаптирани и ова е важен чекор за активација на жените на пазарот на трудот. Исто така, се усвои и новиот Закон за прекинување на бременоста, којшто и дава слобода и право на жената да решава за сопственото тело, додаде Царовска.

Претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите Даниела Рангелова истакна дека заедно со Комисијата за труд е иницирана надзорна расправа за спроведување на Законот за спречување на насилството, а смета и дека се потребни статистички податоци за тоа колку жени во полиција пријавиле семејно насилство и колку случаи имаат судска разрешница.

Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет, пак, укажа дека многу често се случува кога жена ќе пријави семејно насилство полицијата да не испрати инспектори кои се занимаваат со семејно насилство и дека тие се соочуваат со двојна виктимизација. Пировска ја потенцираше важноста од обука на полицајците за семејно насилство за што веќе има прирачник, како и за третманот на овие жртви во правосудниот систем односно судиите бидејќи како што кажа „правата заштита ја дава судот“.

– Многу често насилникот останува во домот, а жените-жртви заедно со децата на улица, потенцира таа.

На јавната расправа присуствуваа претставнички од министерства, локални самоуправи, невладини и меѓународни организации.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...