Во Предлог-буџетот за 2019 година што вчера јавно беше презентиран пред коморите, синдикатите, невладиниот сектор и медиумите, предвидени се 1,1 милијарди денари за активните мерки за вработување што е за 10 отсто повеќе во споредба со годинашниот Буџет, а двапати повеќе во однос на минатата година.
Реализацијата на овие мерки, според министерот за финансии Драган Тевдовски, ќе создаде услови за подобро функционирање на пазарот на трудот и за отворање на нови работни места. Согласно проекциите за идната година, се очекува намалување на невработеноста на околу 20 отсто и покачување на номиналната нето-плата за 4,5 отсто.
Во Предлог-буџетот за 2019 година предвидени се и повеќе средства за поддршка на стопанството, односно планирани се речиси три милијарди денари со кои ќе се поддржат новите инвестиции, извозот, малите и средните претпријатија, иновативноста и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони.
Од Министерството за финансии најавуваат дека и повратот на ДДВ кон фирмите ќе се одвива навремено и неселективно.
Поддршка ќе добие и земјоделството каде се планирани средства за поддршка на земјоделските стопанства од 30 проценти при набавката на гориво за земјоделска механизација или за зелена нафта.
– Ваква мерка за прв пат се воведува во Република Македонија, со што се намалуваат трошоците за земјоделците- реќе Тевдовски.
За 2019 година планирани се вкупно 8,5 милијарди денари за субвенции што е за 60 милиони денари повеќе од планираните средства за годинава или за 820 милиони денари повеќе од 2017 година.