Повеќе од половина од богатите луѓе во светот очекуваат да доживеат сто години и речиси две третини планираат да работат подолго за да си обезбедат комотна старост, покажува едно истражување на компанијата УБС Инвестор воч.
Компанијата, која следи повеќе од 5.000 луѓе во светот со имот од најмалку еден милион долари, констатира дека 90 проценти од нив го прилагодуваат своето трошење на очекуваната долговечност и инвестираат долгорочно, со цел да си обезбедат подобар живот во староста.
Според истражувањето, секој четврти испитаник во САД и Велика Британија вели дека не менува ништо во финансиска смисла, што укажува на пропусти во планирањето на пензионирањето во двете главни светски економии, додека расте очекуваниот животен век, особено меѓу најбогатите.
Резултатите покажуваат дека идните стогодишници треба да планираат за 30 до 40 години пензиониран живот, што значи создавање и задржување на богатството преку сите превирања на пазарот и одлучување како подобро да го распределат својот имот со наследниците.