Повеќе од два милиони муслимани од целиот свет се собраа денеска на муслиманската света планина Арафат во Саудиска Арабија во пресрет на Курбан Бајрам.
Многумина плачеа додека ги креваа рацете во богослужбата на карпестиот рид, каде пророкот Мухамед ја одржал својата последна проповед пред околу 1400 години, повикувајќи на еднаквост и единство меѓу муслиманите.
Како еден од најголемите верски собири во светот, вториот ден од аџилакот честопати е највпечатлив за верниците. Муслимани од целиот свет, заедно од Господ побараа милост, благослов, добро здравје, добродетелство и излекување.
Вкупно 2,5 милиона верници од странство и Саудиска Арабија се пријавиле за годинешниот аџилак.
-Верниците од цел свет добија над 1,8 милиона визи преку интернет, изјави еден од организаторите.
Аџилакот е еден од петте столба на исламот и секој муслимански верник треба да го направи барем еднаш во својот живот, доколку има средства за тоа.
Годинава аџилакот се паѓа во време на големи тензии во Заливот, каде во претходниот период имаше напади врз танкери со нафта, уривање беспилотни летала и запленети танкери.
Иранската агенција Тасним пренесува дека 88.550 ирански верници годинава учествуваат во аџилакот и покрај тоа што Иран и Саудиска Арабија ги прекинаа дипломатските односи.
Photo: EPA / AHMAD TAHON