Плочата е повторно во мода

Продажбата расте во последните пет-шест години во светот и годинава првпат од 1986 има повеќе продадени грамофонски плочи отколку продадени цедиња.

151

Ако имате грамофон во подрум, може да го подготвите за музика зашто плочите се враќаат на голема врата. Тоа не го кажуваат само пасионираните приврзаници на винилот и колекционерите, за кои тие никогаш не ни излегле од мода, туку го потврдува и статистиката. Продажбата расте во последните пет-шест години во светот и годинава првпат од 1986 има повеќе продадени грамофонски плочи отколку продадени цедиња.

Според средногодишниот извештај кој Американската асоцијација на индустријата за снимање (RIAA-Recording Industry Association of America’s) го објави овој месец, а го пренесе музичкото списание „Ролинг стоун“, винилните изданија во првата половина од годинава заработиле 224,1 милиони долари со продадени 8,6 милиони примероци. Во првите шест месеци од 2019 приходите од винил пораснале за 12,9 проценти, а приходите од компакт-дискови стагнирале. Со „воскреснувањето“ на плочите, тренд во светот е и реобјавување албуми на класичните рок-групи, а најпродавани се плочите на „Битлси“.

Преродбата на плочите веќе трета година се празнува и кај нас – в сабота (28 септември) во МКЦ од 14 до 02 часот ќе се одржи третата винил-конвенција „Skopje Vinyl Convention“  на која ќе учествуваат  50-ина диџеи и  40-ина плочари, колекционери и препродавачи (дилери) од Балканот. Настанот во соработка со МКЦ го организира „Фанки фреш“ – здружение на диџеите Чваре (Мартин Христовски) и Гоце (Гоце Трпков) кои никогаш не се откажале да пуштаат музика од плочи.

Посебна страст им се малите 45-ки, сингл-плочи со пречник од 7 инчи. Горди се дека годинава токму тие снимија мала плоча што во земјава не се случило цели 28 години т.е. од септември 1991 кога „Ластовица“ (Роберт Саздов и Владо Јаневски) ја сними „Ќути живти се“ (песна и инструментална верзија). Нивната плоча е печатена во Германија, наменета е за диџеи и содржи две модифицирани верзии на песни од американски изведувачи.

– Во светот има неверојатно враќање на винилот и се чека по четири-пет месеци за печатење плоча. Затоа што некаде од средината на 1980-тите не е направена нова преса за плочи. За популаризација на винилот придонесоа и евтините грамофони што во последните години се појавија на пазарот. Тоа ги сврти многу луѓе, зашто грамофон, игла и целата опрема да се купи беше скап спорт. Сега ги има и за 4.000 до 5.000 денари сосе звучници, ги има дури и на батерии. Но нус-појава сега е што има луѓе кои за да го искористат овој бран на винил, плочите не ги прават од винил, туку од цедиња. Се случува да купиме нова плоча, а звукот да е ужасен, вели диџеј Гоце за МИА.

Мартин (диџеј Чваре) кажува дека на претходните две винил-конвенции имале доста посетители. Лани многумина, вели тој, дошле и пред планираниот почеток зашто сакале да си најдат некоја плоча пред некој друг да ја купи.

-Со „ривајвалот“ на плочите и хипстерството што се појави, сѐ повеќе луѓе сакаат да слушаат музика на винил и да купуваат плочи, но ги има и оние кои постојано си ја негуваа таа култура, си собираат и слушаат плочи. И диџеите почнаа пак да се враќаат на плоча. Но има и кои цел живот пуштале музика на плочи, никогаш не преминале на технологија и не би се согласиле дека се враќа во мода, зашто никогаш не ни излегла, вели Мартин.

Плочата како носач на звук има свои слабости – лимитирани се во однос на фреквенции, осетливи за транспорт и чување, не може да се пуштаат во автомобил… и тоа се некои од причините што некаде од 1985 излегуваат од мејнстримот, отстапувајќи им го местото на попрактичните компакт-дискови кои давале совршен звук. Но нашите соговорници, кои никогаш не го изневериле винилот, велат дека иако имаат најнови миксери со модерни конвертори, користат најнови лаптопи – звукот од цедињата не може да се спореди со топлината и мекоста на звукот од плочите.

-Кога се појави цедето како формат беше совршен звук, дигитално, попрактично, можеше да се слуша полесно во кола, за разлика од касетата која се гужва, па треба да се премотува…  Беше  – ова е тоа!  Ама винилот е органска работа. На еден милион плочи нема две исти да се снимат од ист албум. Секоја е уникат. Некои фирми правеа и суперцедиња за аудиофилите… Но цедето го истиснаа УСБ-ињата, потоа и стриминг-сервисите. Луѓето престанаа да купуваат албуми. Сега веќе албуми не се продаваат, туку се стримуваат. Листите не се кој колку продал албуми, туку по стриминзи. Се прават плеј-листи, се гледа Јутуб… Но полека сите се враќаат на винил зашто луѓето имаат потреба од топлина и мекост на звукот, објаснува Гоце.

Многу наши бендови, главно од алтернативната сцена, своите албуми непрекинато ги објавуваат на „долгосвиречки“ 12-инчни винили (ЛП-плочи кои имаат 33 вртежи во минута) и ги печатат во странство, најчесто во Германија и Чешка.

Податоци за сите македонски винили се содржани во „Македонска дискографија – 1958-2019, прв том“  на Тошо Филиповски, во која тој  евидентирал 333 винилни изданија. Тоа не е конечниот број зашто не ги опфатил во целост шлагерите и фестивалските плочи, како и класичната авторска музика.

Тошо лани ја објави и сеопфатната „Македонска рок-енциклопедија 1963-2018, прв том“. Архивар е на македонската музика и колекционер, кој ќе ви помогне ако барате одредена плоча меѓу големиот избор во неговата продавница (Апотека) во МКЦ.  Ни кажа дека користените плочи се движат од 300 до најмногу околу 2.000 денари, а новите, „запечатени“ плочи, од 800 до 2.000. Цените варираат од фактори кои, како што вели, се генерални во  „бизнисот“ со винили – има ретки и барани плочи и не многу интересни и правени во огромни тиражи.

– Плочите се во минимум одлична состојба. Со понизок квалитет не држам во продавницата. Не претендирам да носам нови и актуелни бендови, повеќе сакам да продавам секондхенд-изданија, веројатно поради лични афинитети. Купувањето на плочите оди во  нагорна линија, но не со толку драстични скокови како на светско ниво. Во најголем дел моите муштерии се луѓе во години кои страста кон винилот ја имаат уште од времето кога тој беше доминантен носач на звук. За жал, винилот слабо е прифатен од помладите слушачки генерации, иако се почесто македонските бендови, особено од алтернативната сцена, ги објавуваат своите албуми на грамофонска плоча. Тој тренд на изданија објавени на винили од година во година расте, иако зборуваме за симболични тиражи, од 100 до 500 примероци, вели Филиповски за МИА.

А диџеите со кои разговараме ги преферираат малите, сингл-плочи или „синглици’ како што ги викаат, затоа што сметаат дека најдобро звучат:  плочите на 45 револуции (вртежи) во минута имаат најмалку компресии, а кај лонгплејките на 33, компресијата е како на мп3. Кај ЛП-те се намалени грувовите на винилот за да собере повеќе музика.

За претстојната винил-конвенција Чваре и Гоце ја подготвуваат и втората сингл-плоча на која ќе се најдат нивни ремикси на две македонски песни: „Емил врати се“ на „Бастион“ и „Диско пар“ на Зорица Поп Панкова.

Диџеј Гоце вели дека е жално што богатата музичка архива во МРТ пропаѓа и не се прават реизданија како што е тренд во светот. – Големите продукции во светот веќе комплетно ја префрлија музиката во канали како што биле снимени, ги дигитализираат и архивираат. Пред 15-ина години во серија што се викаше „Македонска поп-класика“ се направија два албума, на  Нина Спирова и Верица Ристевска, и толку беше. Трагично е тоа, зашто секаде се дава значење на таа музика, се прават реизданија, додава тој.

Двајцата не пропуштаат настани за плочи насекаде низ регионот. Така и дошле до идејата тие средби да не бидат само журка на неколку диџеи, туку винил-културата да ја подигнат на повисоко ниво.

Очекуваат голем интерес в сабота и ги канат сите љубители да дојдат во МКЦ  ако сакаат да купат или да разменат плочи и да слушаат музика од грамофон, на четири сцени со  домашни и гостински диџеи. Винил-конвенцијата ќе биде со слободен влез, отворена за сите генерации и за различни музички вкусови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...