Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска изјави дека Хрватска при обидот за ненајавен влез на 11 припадници на српската војска во таа држава реагирала како сериозна држава.
– Ние вчера реагиравме токму онака како реагира сериозна држава, сериозна Влада, сериозна власт која држи до себе кога некој се обидува да изведе провокација наместо културно, согласно праксата, хрватските закони и меѓународното право, да ја најави посетата, а потоа и евентуално другите детали – истакна Пленковиќ.
На делегација на старешини, кадети и питомци од воено-образовните иниституции на Војската на Србија вчера им беше забранет влез во Хрватска. Делегацијата требало да присуствува на одбележувањето на денот на „Јасеновачките новомаченици“ во Хрватска.
На граничниот премин Батровци- Бајаково, на српско-хрватската граница делегацијата била сопрена, задржана и претресена, од страна на хрватските цариници, при што биле најдени службени униформи на српската Војска.
Од страна на хрватските цариници на делегацијата и било соопштено дека не можат да ги носат униформита и дека им е забранет патот во Хрватска, по што се вратени во Србија.
Во документот, во кој се наведени причините за одбивањето на влезот, се наведува дека делегацијата немала соодветна документација со која би се оправдала целта и условите на нивниот престој, како и дека на увид не се обезбеден докази за патувањето од други причини.