Македонската пијанистка Даница Стојанова по враќањето од Холандија каде во април настапи со повеќе концерти, го доби специјалното признание од Фондацијата Томислав Зографски.
– Ова специјално признание доделено од најреномираната Фондација Томислав Зографски, која слави 85 години од раѓањето на композиторот професор Томислав Зографски, ми е многу драга и значајна и ја посветувам на сите млади уметници посветени кон изучувањето на музиката како најубава уметност – вели професор Стојанова.
– Фондацијата Томислав Зографски го доделува специјалното признание на нашата уметница пијанистката Даница Стојанова за посветеноста на музиката и уметноста и бројните концерти ширум светот за промоција на делата од Зографски и македонското музичко творештво како дел од македонското културно наследство -вели претседателката на Фондацијата Панда Зографска која истовремено е позната како една од најактивните волонтери и подржувачи на пијанистите од цела држава.
Стојанова најави дека ќе продолжи со промоција на македонското класично творештво.
– Да не бидам скромна но тоа е еден од најоригиналните и престижни начини за презентација на својата земја во светот. Јас со моите настапи ја раскажувам музичката македонска приказна повеќе од 30 год и слободно можам да речам дека ова е само почеток. Мојата земја и мојот народ трпеливо чекаше за подобра иднина и свет без граници, јас тие граници никогаш не ги почувствував ,благодарение на моите родители и мојата музика отсекогаш бев и сум граѓанин на светот- вели Стојанова.