Внатрешните реформи на ЕУ мора да одат заедно со, можеби една од нејзините најуспешни политики, а тоа е политиката на проширување, изјави хрватскиот европратеник од социјал-демократската група Тонино Пицула, по отворањето на меѓународната конференција „Еден Балкан кон ЕУ“.
– Секако годината не почна добро и првпат останавме без една земја членка, но тоа само ја нагласува потребата на реформа на ЕУ, а нејзината реформа и напредок не може да одат без политиката на проширување кон Западен Балкан. Северна Македонија е државата на овој простор што направи најмногу за афирмација на ваквата политика и затоа сметаме дека е погрешна одлуката за непочнување на преговори во октомври минатата година – изjави Пицула.
Верувам, подвлече Пицула, дека Зоран Заев и неговата влада дадоа силен аргумент за отворање на преговорiте и тоа е секако причина за сите нас во ЕП да продолжиме со поддршка на политиката на проширување.
Лидерот на СДСМ Зоран Заев, рече дека сме свесни оти е отворена дебатата за реформите во ЕУ, но и дека очекуваме таа паралелно да се случува заедно со процесот на проширување на ЕУ.
– Очекуваме да добиеме датум за почеток на преговорите. Не очекуваме веднаш да станеме членка на ЕУ, за тоа постои процес, кога ние ќе бидеме подготвени и ЕУ ќе биде подготвена по пет, седум, десет години да бидеме полноправна членка. Но, држењето на мотивацијата за сите нас претставува единствена водилка за позитивни реформи на државата – изјави Заев.
Република Северна Македонија, посочи Заев, е најдобар пример за европските вредности и вистинската трансформација што се случи тука и верувам дека придонесува за европската иднина за Западен Балкан.