Писмото од 1954 година, во кој Алберт Ајнштајн го отфрлил зборот Господ како „производ на човечката слабост“ и во кое зборува за својот еврејски идентитет, е продадено во вторникот на аукцијата за речиси 2,9 милиони долари за само четири минути – објави портпаролката на аукциската куќа „Кристи“.
Таканареченото „Писмо за Господ“ се очекуваше да достигне цена од 1,5 милиони долари на аукцијата во Њујорк.
Нобеловецот Ајнштајн, кој тогаш имал 74 години, го напишал писмото на една и пол страница до германско-еврејскиот филозоф Ерик Гуткинд, како реакција на една од неговите книги од 1952 година, во која пишувал за јудаизмот, Израел и модерната доба.
Писмото напишано на германски јазик се смета за клучен елемент во дебатата меѓу науката и религијата.
„Ова неверојатно искрено, приватно писмо Ајнштајн го напишал една година пред неговата смрт и до ден-денес е беспрекорен израз на неговите религиски и филозофски ставови“, стои во соопштението од аукциската куќа „Кристи’с“.
„Зборот Господ за мене не е ништо друго освен израз и производ на човековата слабост. Библијата е збирка благородни легенди достојни за почит, но сепак примитивни“ – напишал Ајнштајн.
„Ниту едно нејзино толкување, колку и да е суптилно, за мене нема да направи никаква разлика во врска со ова“, продолжува Ајнштајн.
Физичарот исто така зборува и за неговиот идентитет како Евреин и напишал дека јудаизмот е „како и сите други религии, инкарнација на примитивни суеверија“.
„Евреите, со кои гордо се идентификувам и во чиј менталитет сметам дека сум длабоко закотвен, сепак, за мене немаат поинаков вид достоинство во споредба со другите луѓе“ – напишал Ајнштајн.