Една страшна легенда неодамна оживеа во тајландската покраина Чианг Раи, каде 12 деца и нивниот фудбалски тренер беа заробени во подземна пештера повеќе од две недели.
На влезот на пештерата, голем број жители оставале прилог во облик на накит и намирници и тивко изговарале молитви. Тоа го правеле со цел да го задоволат духот за кого веруваат дека живее во пештерата и кого децата го налутиле, па затоа ги проголтал.
Во близина на пештерата се наоѓа кип на млада жена која е облечена во традиционална туника. Кипот припаѓа на Џао Ме Нон, митска принцеза чиј дух, веруваат Тајланѓанците, живее во пештерата во кои биле заглавени децата.
Легендата вели дека некогаш одамна Џао Ме се заљубила во млад коњушар, а бидејќи нивната љубов не била дозволена, тие заедно побегнале. Принцезата набрзо останала бремена, а во бегството наишле на пештерата која им станала привремен дом.
Едно утро, кога младиот коњушар отишол во потрага по храна, тој бил пресретнат од армијата на таткото на принцезата и бил убиен.
Кога ја слушнала кобната вест, Џао Ме се пробола со нож во стомакот и искрварила до смрт во пештерата, и од тој момент се верува дека нејзиниот дух живее таму. Нејзината пролиена крв се претворила во вода, а нејзиното тело станало планина која ја опкружува пештерата и личи на заспана жена.