Печурки, пилешки прсти, палачинки и зеленчук се готвеа на соларна енергија на плоштадот во Неготино. Присутните беа послужени со кафе и чај, исто така подготвени на соларна енергија.
Активноста беше во рамките на спроведувањето на проектот Енпол-ЕЕ за потребите на Средното општинско училиште „Свети Кирил и Методиј“, а организатор е Здружението на граѓани „Ековита“. Станува збор за еднодневен натпревар за готвење на соларна енергија.
– Целта на одржувањето на настанот е сите заинтересирани присутни на лице место самите да можат да се уверат дека готвењето на храна може да биде и корисно и забавно, доколку се користат обновливи извори на енергија. Со соларното готвење кое е подолготрајно, се заштитува и животната средина, а се штедат и пари. Учество земаа ученици од четири класови од средното училиште. Додека се готвеше, на плоштадот со свои производи се претстави локална компанија, која работи на опрема за искористување на сончевата енергија – соопшти Сашко Тодоров.
Беа доделени и награди за најдобриот рецепт на учениците од СОУ „Св. Кирил и Методиј“. Прво место и проектор доби тимот „Буковка на сонце” со професорот Стевчо Шарац, а второ и лаптоп освои „Сончева палачинка” со професорот Менча Зафирова.
Соларните печки кои можат и да се вртат и да се фокусираат, се купени пред десет години во рамките на друг проект, но Здружението редовно организира вакви и слични настани со кои се промовира ваквиот начин на готвење.
Тодоров најави и нов проект финансиран од Мрежата за рурален развој, во рамките на кој млади од Неготино и Дебар ќе учат да произведуваат буковка.
Присутните можеа да го видат и рециклираниот соларен колектор од пластични шишиња и лименки, со кој ученици имаат освоено прво место на државен натпревар.