Драги пријатели,
Вечерва имам огромна чест и задоволство јавно да им се заблагодарам на луѓето кои се најзаслужни за раѓањето на „Слободен печат“ и за растежот на весникот во неговата прва петолетка.
Пред сѐ, сакам да им се заблагодарам на моите двајца најблиски соработници, на уредниците Жарко Јорданоски и Злате Лозановски, со кои заедно го отсонувавме, го „породивме“ и го водиме нашиот весник во овие пет години. Беа тоа години на големи искушенија, време на драматични промени во македонското општество. Тука се уште двајца наши колеги од славната „Дневникова“ генерација од деведесеттите, Мишел и Митко, тука е и Зец. Иако секој од нас има по околу три децении искуство во весникарскиов занает, во овие пет години моравме пак многу да учиме и одново да матурираме.
Посебна благодарност изразувам до две личности, кои со својата морална, логистичка и пред сѐ другарска и човечка поддршка, значајно придонесоа „Слободен печат“ успешно да ги преброди сите тешкотии – тоа се нашите пријатели Драган Живковиќ и Владимир Милчин.
Им се заблагодарувам и на првите сопственици на компанијата издавач на весникот, на Владимир Кошевалиски и на колегата Градимир Јовановиќ Киби, на сегашните сопственици – белградската компанија Адриа Медиа Груп и Мирослав Јовановиќ, како и на менаџментот на издаваштвото, за успешното водење на овој проект.
Особено сме благодарни што овие луѓе одлучија на уредништвото да му овозможат целосна автономија во водењето на уредувачката политика, нешто по што „Слободен печат“ е уникатен пример, не само во Македонија, туку и пошироко во регионот.
Овие луѓе треба да бидат горди што разбраа дека силата на овој весник е токму во можноста уредниците, новинарите и многубројните колумнисти да творат слободно и без цензорски притисоци да го изразуваат своето критичко мислење, без разлика кој е на власт, дури и тогаш кога тоа на многумина не им се допаѓа и им создава главоболки.
Таа слобода, кај нас, што ги уживаме придобивките на уредничката автономија, создава чувство не само на одважност, туку и на нагласена одговорност и обврска да ги следиме највисоките професионални и етички стандарди во новинарството.
Нашиот колумнистички дрим-тим, како што јас често и без лажна скромност го нарекувам, заслужува посебна благодарност. Уште од првите денови на „Слободен печат“, таа чета храбри автори, предводена од Бранко Тричковски, покојниот Васил Мицковски, Мирослав Грчев, Сашо Орданоски, Ристо Лазаров и многу други познати и признати имиња (за жал, во оваа прилика немам време да ги набројам сите), во „Слободен печат“ создадоа простор за разгор на слободната мисла во едно тешко време.
Авторите на колумните во нашиот весник веќе издадоа и неколку книги колумни, бисери на нашата модерна есеистика. Јас сум особено горд на тоа достигнување.
Благодарност и до колегите од другите медиуми со кои другаруваме и соработуваме, а посебно до редакцијата на порталот Плусинфо, која од почетокот ни пружи несебична поддршка и со која во еден подолг период практично бевме единствен тим, а и денес остваруваме блиска соработка.
Длабока благодарност им упатувам на сите колеги од нашата редакција. Ќе ви ја откријам и тајната зошто оваа екипа е најдобрата во печатените медиуми.
Ние не се фалиме дека сме ѕвезди на истражувачкото новинарство. Не сме тоа. Не сме ни ексклузивци кои секогаш први дознаваат. Фала богу, не сме ни најумните аналитичари. И бездруго не работиме во некоја добро платена мисија за медиумско описменување на нацијата. Сакам да кажам, во таа смисла, ние воопшто не сме и немаме намера да бидеме тренди. Ги цениме сите што размислуваат и работат поинаку, но ние себеси се доживуваме како дел од секторот наречен индустрија. Ние работиме во медиумската индустрија.
Затоа, работиме напорно, копаме како во рудник, предеме како во предилница. Во нашата редакција постојано има живост, врева, нервоза кога се бориме со роковите, но и многу забава кога креираме по кафулињата заедно со нашите другари, новинарски легенди.
Едноставно, ние секој ден се трудиме да произведеме енергија и возбуда кај нас самите, за тие да се прелеат во нашиот и ваш весник, надевајќи се дека кога читателот ги прелистува страниците, макар на момент раката ќе му затрепери од возбуда и ќе почне да чита. Е тогаш знаеме дека сме ја погодиле целта.
Резултатите на нашиот труд, за кои вечерва нема да зборувам, бидејќи тие се познати, покажуваат дека умееме целта да ја погодиме и дека таа размена на енергијата и на емоциите со нашите читатели, го создава она за што сонува секој уредник – верна публика. На таа верна публика ѝ должиме посебна благодарност. И ветување дека ќе го дадеме најдоброто од себе за да не ја изневериме.
Ви благодарам на сите.
(Поздравно слово на прославата на петтиот роденден на „Слободен печат“, 18 октомври 2018 година, Скопје)