Да не се одолговлекува законското воведување на холдингот како форма на организирање на компаниите, да се укинат привилегиите на јавниот сектор при наплата на долговите преку извршители, како и решавање на проблемите со пресметката и повратот на ДДВ при увоз на суровини се дел од она што денеска бизнисмените ѝ го испорачаа на министерката за финансии Нина Ангеловска на првата средба во Стопанската комора.
Покрај ова, како што изјави претседателот на Комората Бранко Азески, справувањето со сивата економија и формирањето на Фискалниот совет се од суштинско значење за економијата и се иницијативи покренати од бизнисот за кои нема решение со години.
Тој, како и многупати досега, побара вклучување на бизнис заедницата во процесот на креирање на политиките поврзани со економијата.
– Не бараме ништо што не може да се реализира или ќе биде спротивно на конкретните економски текови, туку работи кои ќе ја подобрат бизнис климата. Имаме пет барања коишто се однесуваат на клучни прашања што биле третирани во изминатиот период, за Законот за холдинг друштва, членот 218 од Законот за извршување, за признатите расходи, имаме иницијатива којашто се однесува на плаќање на ДДВ и негово враќање при влез на суровините. Ќе разговараме како и што може да се направи со нашите иницијативи – рече Азески.
Министерката за финансии Ангеловска најави онлајн платформа преку која ќе ги следи предлозите и иницијативите на бизнисмените и редовно ќе ги консултира при донесувањето на нови законски решенија.
– Прво ќе воведеме даночен календар кој ќе им дава информации на бизнисмените за новите законски решенија поврзани со даноците. Шест месеци однапред тие ќе знаат какви промени ги очекуваат за да можат да го планираат работењето. Со тоа ќе обезбедиме поволна бизнис клима и предвидливост што му е потребна на приватниот сектор – рече Ангеловска.
Министерката најави ефикасна борба со сивата економија кој, како што рече, зафаќа од 20 до 40 отсто од економијата.
– Се работи на утврдување на мерката со која очекуваме сивата економија да се вклучи во системот на економијата, не само во однос на работната сила, туку и делот на нерегуларани дејности – рече Ангеловска.
Таа, рече дека во борбата со сивата економија една од мерките е и МојДДВ, во која се подготвуваат измени кои ќе бидат во прилог на граѓаните.