Петре, со среќа викендичката, викни на пецање!

Дури и оној што ја фабрикува божемната афера признава дека Шилегов уредно си ја пријавил викендичката во анкетниот лист, заедно со останатиот имот. Што е тогаш спорно?

4251

Јас и моите колеги будно го следиме секој чекор на градоначалникот Петре Шилегов. Сериозно се трудиме да ги откриеме сите слабости во работата на градските власти и да ги изложиме на јавна критика. И добро ни оди.

Знам дека Петре и неговата екипа поради тоа не се среќни. Препознавам кога некои луѓе од неговата околина возвраќаат со куртонски нарачки по парапорталите. Океј, сфаќам дека и на скопскиот градоначалник и на многу други јавни функционери им треба уште некое време да сфатат дека се одговорни носители на власта, платени од даночните обврзници, а не омилени ликови на Шарената револуција.

Но, едно е да се критикува, друго е да се измислуваат афери и скандали и таму каде што ги нема. Нема ништо спорно во приказната дека скопскиот градоначалник неодамна се подновил со викендица во Маврово. На Шилегов му се забележува дека викендицата во карабина ја купил за 55.000 евра, дека била „со површина од неколку стотина метри квадратни“ и дека се наоѓала на неколку метри од езерото.

Глупости! Шилегов е долгогодишен адвокат. Има пристоен недвижен имот. Работел човекот и заработил. Цената од 55.000 евра е пристојна. Да плеснал 550.000 евра, да правиме муабет. Маврово и не е баш монденска локација. Да е Ница или макар Халкидики, да се замислиме. А кога веќе човек купува во Маврово, убаво е да биде покрај езерото.

Прекршок е кога градоначалник, министер или друг државен функционер нема да го пријави купеното, во анкетниот лист, така како што е пропишано со законот. А дури и оној што ја фабрикува божемната афера признава дека Шилегов уредно си ја пријавил викендичката во анкетниот лист, заедно со останатиот имот. Инаку, смислата на пријавувањето е да се види дали градоначалникот ќе заработи станови и дуќани за време на своето градоначалникување и дали ќе мора да го докажува потеклото на имотот.

Шилегов, барем засега, нема таков путер на главата. Го советувам да не си мачка. Како некои. Викедничката да ја изгради што побрзо и да си ја користи со среќа. А ако забележи јата плашица и рибари будали, нека викне на пецање!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...