Добро е што сте овде не во Будимпешта, ги поздрави денеска новинарите претседателот на Советот на странски инвеститори при Стопанската комора, Штефан Петер на прес-конференција на која информира дека во рамки на Советот е формирано Здружение од компаниите во технолошко-индустриските зони и најави ново издание на традиционалната „Бела книга“ на македонската деловна клима.
Новото здружение, како што рече, ќе ги презентира пред власта проблемите во технолошко-индустриските зони, а него ќе го раководи поранешниот директор на Дирекцијата на технолошко-индустриските зони, а сега директор на компанијата „Костал“ Виктор Мизо од кој очекува да ја следи бизнис логиката, а не политиката.
– Врз основа на личното искуство од повеќе функции што сум ги извршувал, ако некој ме назначи за нешто, стопроцентно влегувам во таа позиција без да се навраќам на таа што сум ја работел претходно. Секој бизнисмен што сака да е успешен, треба да го следи ваквиот пример – рече Петер.
Претседателот на Советот на странски инвеститори, сепак, очекува поголема соработка на домашните компании и странските инвестиции во земјава, тренд кој е започнат годинава и може да се зголеми следната доколку се почитуваат основните правила за сертифициран квалитет.
– Мој совет е домашните компании да поработат на маркетингот и да тропнат на вратите на странските инвеститори. И верувајте секоја врата ќе им биде отворена – рече Петер.
Тој потсети дека економската логика на секој менаџер е да соработува со добавувачи кои му се блиски зашто тоа му е поевтино, побрзо и поефикасно.
– Во оваа смисла има многу предности што треба да се зграбат, но, секако, само ако се нуди квалитет. А квалитетот никогаш не е добар или лош, туку е она што го бара клиентот – рече Петер.
Тој најави дека на 12 декември ќе биде промовирано новото издание на Белата книга на членките на Советот на странски инвеститори, во која како што рече, се содржани оценките на менаџерите во компаниите кои директно го чувствуваат бизнис амбиентот.
Петер, меѓутоа, не можеше да даде коментар на тоа како „Брегзитот“ ќе влијае врз македонските компании.
– Не можам прецизно да кажам што македонските компании ќе добијат или ќе изгубат зашто во секој предизвик има и шанса – рече Петер.
Во врска со даноците, Петер, го повтори барањето на бизнисмените за законската предвидливост и фер оданочувањето.
– Не мислам дека бизнис околината е детерминирана директно само од даночните прашања, ниту сметам дека даночните промени ги тангираат исклучиво компаниите од ТИР-зоните. Даноците се нешто што никој од бизнисите не го сака, а многу ретко ќе најдете и луѓе, граѓани, кои ги сакаат даноците. Но, според мене, тоа е единствен начин како може да функционира еден систем. Ако предвидливоста и фер пристапот кон даноците е гарантиран кон компаниите, оваа киселкаста таблета лесно ќе се проголта – рече Петер.