Државните знамиња во американската престолнина и низ целата земја од синоќа се спуштени на половина копје поради масовните пукотници што за време на викендот се случија во Ел Пасо, Тексас и во Дејтон, Охајо, при што загинаа 29 лица.
Поради трагичните настани американскиот претседател Доналд Трамп синоќа прогласи петдневна жалост во САД.
– Нашата земја жали заедно со блиските на загинатите во двете трагични пукотници. Ги споделуваме болката и страдањата на повредените во овие бесмислени напади – соопшти синоќа претседателот Трамп.
Претседателот испрати остра осуди и порача дека САД се обединети со народот во Ел Пасо и во Дејтон.
Тој нареди спуштање на знамињата на половина копје по државните установи во земјата и во американските воени бази, пловила и амбасади низ целиот свет.
Наредбата е во сила до 8 август.
Во Ел Пасо, Тексас, во саботата во трговски центар Волмарт, вооружен напаѓач усмрти 20 лица а 26 беа повредени. Во неделата во раните утрински часови пукотница се случи и во Дејтон, Охајо, во туристички дел од градот, со многу барови и ресторани и продавници, кога напаѓач усмрти девет лица, а 27 беа повредени.