Потпретседателот на САД, Мајк Пенс, вели дека верува оти Американците се побезбедни денес откако претседателот Доналд Трамп нареди напад во кој загина Касим Сулејмани.
Тој во интервју за Си-Би-Ес рече дека граѓаните можат да бидат мирни благодарение на раководството на претседателот Доналд Трамп, како и големиот професионализам што го покажа американската војска во последните неколку недели.
– И покрај иранскиот напад врз нашите бази, поради подготвеноста на нашата војска, нема жртви, ниту меѓу Американците, ниту Ирачаните. Ние се занимаваме со земја која повеќе од 20 години е водечки државен спонзор на тероризмот. Ние ќе продолжиме да бидеме подготвени и ќе продолжиме да се спротивставуваме на Иран начин кој го направи Трамп – рече Пенс.
Тој додаде дека САД не бараат промена на режимот во Иран, туку промена во однесувањето на сегашниот режим.