Претседателот на државата, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со дел од основачите и членовите на одборот на организацијата „Македонија 2025“ кои го информирале за осмото издание на Самитот на оваа организација што од денеска до 15-ти ноември се одржува во Скопје и служи како платформа за споделување знаења, поврзување на бизнисите и инспирирање иновации и промени во Југоисточна Европа.
Како што информираа од Кабинетот на претседателот, на средбата беше посочено дека годинава на Самитот се очекуваат над 50 истакнати говорници и стотици високи гости од бизнис сферата. Во фокусот на Самитот ќе бидат иновациите и нивното влијание врз намалување на загадувањето на животната средина и воздухот, како и иднината на работните места и вештините, глобалните економски и геополитички трендови и можностите за финансирање на малите и средни претпријатија.
– Пендаровски на средбата ја поздрави работата на „Македонија 2025“, којашто преку Самитот ги одразува желбите, волјата и решеноста на македонската дијаспора активно да се вклучи во градењето на иднината на С. Македонија. Претседателот посочи дека постојат многу можности и потенцијали за соработка и дека истите е неопходно да се искористат преку интензивирање на соработката меѓу бизнис заедниците во земјата и во дијаспората, се вели во соопштението.