Пендаровски: Мораме да вложуваме во младите иноватори

63
Фото: МИА

Влогот во младите иноватори е влог во нашата иднина. Од интерес на нашата држава е македонските пронаоѓачи да го најдат своето место во нашите научни и образовни институции и активно да придонесуваат за својата татковина, порача денеска претседателот Стево Пендаровски, на отворањето на МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019.

Пендаровски, кој е покровител на манифестациите, рече дека е потребно систематски да се работи за зголемување на бројот на млади иноватори, зошто битно е секој што има потенцијал и креативност да дојде до услови за негово реализирање.

– Младите пронаоѓачи се иднината на нашето иноваторство. Мора да вложуваме во нив и да им помогнеме да напредуваат и да се усовршуваат – порача Пендаровски.

Секое одговорно општество, порача претседателот Пендаровски, ги стимулира пронаоѓачите.

– Човечкиот потенцијал може да биде пресуден за нашиот развој, имајќи ги в предвид ограничените ресурси и географската местоположба – рече Пендаровски.

Во период кога се соочуваме со зголемено аерозагадување, посочи тој, треба посебно вниманието да се посвети на пронајдоци чија цел е подобрување на животната средина.

– Инвестирањето во овие пронајдоци може да придонесе за подобра животна средина и подобар живот за сите нас – рече Пенсаровски.

На меѓународната изложба МАКИНОВА 2019 и ЕКОНОВА 2019 пријавени се 113 учесници од кои 75 од Република Северна Македонија и 38 учесници од Црна Гора, Босна и Херцеговина, Србија, Бугарија, Република Српска и Словенија.

Пронајдоци, иновации, нови технологии и производи, технички унапредувања, индустриски дизајн, трговски марки и младинско-истражувачко и креативно творештво ќе бидат изложени и може да се видат до 10 ноември во Музејот на Град Скопје.

МАКИНОВА 2019 се одржува по 40-ти пат, во организација на Сојузот на пронаоѓачите и автори на технички унапредувања на Македонија – СПАТУМ и Народна техника на Македонија по повод Светскиот ден на науката. Изложбата МАКИНОВА 2019 е придружена по 17-ти пат со изложбата ЕКОНОВА 2019 на иновации, пронајдоци и идеи чија цел е подобрување на животната средина. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...