Пекар, лекар, апотекар – кои се најбарани на пазарот на трудот?

Според Анкетата за потребата од вештини на пазарот на трудот за 2018/2019 година, компаниите искажале потреба од 18.463 работници, а на пазарот на трудот има вкупно 101.762 невработени лица и 88.570 други лица кои бараат работа.

729

Дипломата веќе не е гаранција за вработување. Сега се бара работно искуство, стекнати дополнителни знаења и сертифицирани вештини, односно се бараат работници кои директно ќе бидат вклучени во процесот на работа. Индустријата најмногу бара работници со средно, стручно и вишо образование, но најголеми се очекувањата од невработените со високо образование. Тие покрај познавање на областа во која се образувале треба да знаат странски јазици, основни компјутерски вештини, но и да поседуваат знаења за напредни ИТ вештини, како и вештини кои ќе го подобрат организирањето на работата.

Ова го покажува Анкета за потреба од вештини на пазарот на трудот за 2018/2019 година направена од Агенцијата за вработување, а го потврдуваат и невработните кои конкурирале за одредени работни места.

– Практиката во овие две години, колку што се обидувам да најдам вработување, ми покажа дека работодавачите малку бараат работници кои сега завршиле факултет. Таквите не можат да победат на конкурс за високообразован кадар, ако немаат некакво искуство или не знаат странски јазици, работа на компјутер што треба да го докажеш со документ. Сега има некоја програма за практиканти и тоа е добро бидејќи ќе може да се стекне некакво искуство, но мал е бројот на компаниите кои побаруваат ваков кадар – вели Славица А., која со својата диплома за завршен економски факултет се обидува веќе две години да најде работа.

Наспроти ова, работодавачите велат дека каков и да имаат оглас ретко можат да најдат квалификуван кадар кој ќе може веднаш да работи.

– Секое работно место има свои специфики и затоа во огласите се бараат дополнителни вештини кои патем не се токлу компликувани за да не можат да се исполнат. Сертификатите што ги бараме се само гаранција дека работникот добро го познава она што се бара. Во спротивно се доведуваме во незавидна состојба да вработиме човек кој не ги познава работите, а да испуштиме некој што е соодветен за работата – вели управител на геодетска фирма.

Со завршен факултет во првиот квартал од годинава во земјава има 10.092 невработени лица. Нема податок колку од категоријата други лица што бараат вработување е со високо образование.

Анкетата на Агенцијата покажува дека работа за високообразованиот кадар има само во дејноста информации и комуникации, каде што според искажаните потреби на работодавачите, се очекува речиси 80 отсто од новите вработувања да бидат со високо образование. Високо образование се бара и во стручните, научните и техничките дејности кои најавиле дека 53 отсто од новите вработувања ќе бидат со високо образование. Релативно висока побарувачка на кадар со високо образование се очекува и во дејноста на здравствена и социјална заштита, како и во финансиската дејност и дејности на осигурување.

Најбарани со високо образование се: програмер, машински инженер, економист, градежен инженер, доктор по општа медицина, фармацевт, сметководител, маркетинг агент, новинар, информатички инженер, земјоделски инженер, архитект, графички дизајнер, аналитичар програмер, правник, агроном за полјоделство, информатичар, развивач на софтвер и др.

За разлика од високообразованите карди, среднистите се најбарани во сите други дејности. Најмногу во преработувачката индустрија и во трговијата каде што се планира 60 отсто од новите вработувања за една година да бидат со средно и стручно и вишо образование. Меѓу најбараните се технички оператор, електро-техничар, комерцијалист, оператор на медицинска опрема, администратор, шумарски техничар, машински техничар, медицинска сестра, градежен техничар, агент за логистика, асистент во осигурување, електро-машински техничар, фармацевтски техничар, графички техничар, контролор на квалитет…

Од стручните струки се бараат: шивач, продавач, шивач на текстил, касиер, келнер, градежен работник, возач на товарно возило, готвач, заварувач, магационер, бравар, подготвувач на тутун за обработка, чевлар, возач на камион, возач на автобус, пекар, електромеханичар, составувач на акумулатори, ракувач со градежни машини, армирач, месар, кројач, шанкер, ѕидар, хаусмајстор, возач на такси, електричар за одржување, монтер на градежни елементи, столар, тесар, угостителски работник…

Компаниите од земјоделскиот сектор, како и секторите лов, шумарство и рибарство, пак, главно бараат работници со основно образование. Во овој сектор процентот на побарувања на работници со ова образование е 60,4 отсто.

Главно се бараат: општ работник, работник на едноставни работи на производствена линија, хигиеничар на станбен и деловен простор, оператор на ЦНЦ машини, чевларски работник, работник за едноставни работи, пеглач на алишта, обиколувач, дистрибутер (малопродажба), работник на утовар и истовар, рачен пакувач, собарки, работник во нискоградба, земјоделски работник, тесарски работник, мијач на садови, помошник во кујна…

Индустријата има најголема потреба од работници и пријавила вработување на 8.160 лица. Втора е трговијата во која се очекуваат 4.251 вработувања, градежништвото планира 1.478 вработувања, во транспортот и складирањето се очекуваат 1.108 вработувања, а во останатите дејности се очекуваат помал број вработувања.

Најмногу работници се потребни во Скопскиот регион 5.677, а најмалку во Полошкиот регион 505 вработувања.

Според Анкетата за потребата од вештини на пазарот на трудот за 2018/2019 година, компаниите искажале потреба од 18.463 работници, а на пазарот на трудот има вкупно 101.762 невработени лица и 88.570 други лица кои бараат работа.

Во структурата на невработените најмногу има без образование и со основно образование. Во првиот квартал од годинава со вакво образование се 51.846 лица, по кои се оние со завршено средно училиште 26.679. Со непотполно средно училиште се 12.305, со завршена виша школа се 1.370. Со завршен факултет 10.092, магистри на науки се 767, додека доктори на науки се 24 лица.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...