Косовскиот министер за надворешни работи Беџет Пацоли денеска најави дека ќе ги забрани посетите на српската премиерка Ана Брнабиќ, откако имаше „расистички“ коментари.
„Нема да дозволам српската премиерка да влезе во Косово, откако поддржа расистичка и незаконска идеологија против народот на Косово“, напиша министерот Пацоли на Фејсбук.
Овој потег доаѓа еден ден откако српската премиерка го идентификуваше косовското раководство како „најлош вид популисти“ и „луѓе кои буквално излегоа од шумата“.
– Тие луѓе се терористи кои не се осудени – рече Брнабиќ, посочувајќи дека многумина од актуелните косовски политичари се поранешни борци кои војуваа против Србија кон крајот на 90-те години.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи исто така ги осуди коментарите на Брнабиќ, истакнувајќи дека тоа е „уште едно сведоштво за патолошката омраза на актуелниот режим на Србија против граѓаните на Косово“.