Караванот на Патувачкото кино на „МакеДокс“ помина низ струшките села Октиси и Мислодежда. Пред проекцијата на документарните филмови во Октиси, екипата на „МакеДокс“ со помош од голем број дечиња од селото направија еко-акција за чистење на просторот пред Поштата, кадешто беше предвидено да се прикажуваат филмовите. Возбудата на дечињата поради можноста да гледаат кино на отворено беше толку голема што неколку часови претходно се дружеа со екипата на Патувачкото кино.
Комуникацијата во текот на Патувачкото кино секогаш е двонасочна, така што и екипата на „МакеДокс“ имаше можност да се запознае со локалните жители и со битните карактеристики на селото. Беќир Алиоски-Жица објасни дека селото Октиси е од растурен тип, дека стариот дел од селото е во Горно маало, додека за името се претпоставува дека доаѓа од фактот што во Римско време селото се наоѓало во близина на осмата станица/порта на патот Виа Игнација. Во денешно време во селото живеат околу илјада постојани жители, додека околу 2.500 жители се на работа во странство.
Братучедите Фето и Екрем Бајрамовски потврдија дека многумина од селото се на гурбет, но во текот на летните месеци се враќаат во Октиси да се видат со своите, да изградат нови и високи куќи над старите огништа, но и да направат свадба кај своите блиски. Инаку, жителите на Октиси во државата и во светот се познати како мајстори за правење куќи од камен. Бројот на децата присутни на проекцијата на филмовите потврди дека Октиси е големо, убаво и многу живо село.
Следна станица на Патувачкото кино беше планинското село Мислодежда, сместено на надморска височина од 1.230 метри. Од средината на селото, веднаш до селската џамија, се простира прекрасен поглед кон планината Караорман. Во Мислодежда екипата на „МакеДокс“ заедно со локалните жители го гледаше финалето на Светското првенство во фудбал, а потоа сите можеа да уживаат во прекрасно зајдисонце. Сосема природен избор за проекција беше документарниот филм „Станувајќи Златан“ (Becoming Zlatan, 100 мин., 2015, Шведска) на авторите Фредрик и Магнус Гертен за фудбалскиот ас Златан Ибрахимовиќ. Дел од присутните на проекцијата не ја пропуштија можноста да се фотографираат со екипата на „МакеДокс“ пред филмското платно на Патувачкото кино.
Следните проекции на Патувачкото кино на „МакеДокс“ ќе се одржат во селата Ташмаруништа (20 јули), Радожда (21 јули) и Мали Влај (22 јули), додека на 25 јули ќе се одржи Еко-докумаратон во Струга.
Во меѓувреме екипата на Патувачкото кино ја подготвува големата еко-акција за чистење на брегот на Охридското езеро во некогашниот камп „Треска“. Собраната пластика ќе биде однесена во местата за отпад, додека собраната хартија ќе послужи за процесот на создавање рециклирана хартија. Процесот ќе го предводи графичкиот дизајнер на „МакеДокс“, Самир Карахасан. Во акцијата ќе бидат вклучени екипата на Патувачкото кино и новата генерација „докуникулци“ на „МакеДокс“.
Патувачкото кино е неделив дел од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и поддржано е од Агенцијата за филм на Република Македонија.