Патувачкото кино „МакеДокс“ утре со филмски маратон во Струга

101

Патувачкото кино на „МакеДокс“ стигна до последната станица на своето деветто патешествие со прикажување документарни филмови, оваа година во Струшкиот регион. Во рамките на програмата на шестото издание на фестивалот „ДримОН“ утре во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, со почеток во 22 часот, ќе се одржи „МакеДокс“ еко-доку филмски маратон.

Претходните денови Патувачкото кино имаше проекции на документарни филмови во струшките села Ташмаруништа, Радожда и Мали Влај. Во меѓувреме пристигна и втората генерација „Докуникулци“, со што започна и работилницата за креативен документарен филм. Младите „докуникулци“ веднаш го фатија ритамот на Патувачкото кино, присуствуваа на проекцијата во Радожда, имаа целодневен излет во прекрасното планинско село Мали Влај, а само за еден ден успејаа да исчистат голем дел од крајбрежјето на Охридското езеро во некогашниот камп „Треска“ кај Радожда. Еко-акцијата за чистење на плажите ќе продолжи и следните денови, паралелно со сесиите на филмската работилница, кои ги предводи Петра Селишкар, селекторка на програмата на фестивалот „МакеДокс“.

Патувачкото кино е неделив дел од Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и поддржано е од Агенцијата за филм на Република Македонија. Работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ се реализира од 21 до 28 јули во партнерство со „ДримОН Фестивал“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy) и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...