Пасиштата на Шара Сува Гора и Бистра подготвени за сточарите

Две години интензивно се работело на овозможување на подобри услови, како за напасување така и за производство на млечни производи на традиционален начин.

212

Пред почетокот на годинешната сезона за сточарење на вископланинските подрачја во западниот дел на земјава, пасиштата и инфраструктурата се подготвени, информираат од ЈП за стопанисување со пасишта. Оваа година, за напасување на овци, кози и крави во овој регион на располагање се близу 130 илјади хектари, проодни патишта, водопоила и бачила.

Првите стада овци на планините треба да пристигнат кон средината на мај, кога започнуваат и миграциите од низинските кон планинските пасишта. Освен редовните активности кои се спроведуваат, од претпријатието наведуваат дека за оваа година планирано е да се инвестираат околу четири милиони денари. Во овој период се работи на запуштените патишта со чистење на тревните површини од смерки и други нискостеблести дрвја.

– Ова е направено по барање на сточарите кои напасуваат стока во ова подрачје и согледувањата на нашите служби. Во гостиварскиот регион предвидено е да се изврши реконструкција на 20 километри постојни рурални патишта, реконструкција на три бачила и отварање нов пат со должина од три километри. Во Тетовско, со активности ќе бидат опафатени земјени патишта во должина од околу седум километри. Дополнително ќе се работи и на реконструкциите на водопоилата и бачилата- вели Љуљзим Фејзулаи директор на ЈП за стопанисување со пасишта.

Фејзулаи потенцира дека овие две години интензивно се работело на овозможување на подобри услови, како за напасување така и за производство на млечни производи на традиционален начин.

На подрачјето на планините Бистра, Сува Гора, Кораб и Шар Планина има 126.737 хектари со високопланински пасишта. Освен за напасување на добитокот на сточарите им се обезбедени и дополнителни услови: над 200 километри патиштата, стотина водопоила и педесет бачила.

– Изминатиов период во овој регион се работеше интензивно. Отворивме и реконструиравме близу 50 километри планински патишта, најмногу на Шара, Бистра и на Сува Гора. Пред доаѓањето на стадата на пасиштата ќе се провери состојбата со некои од патиштата, со оглед дека изминатиов период имаше обилни врнежи па можно е некои да се оштетени- вели Фејзулаи

Во овој дел од Македонија се напасуваат околу 30 илјади овци.

Од ЈП за стопанисување со пасишта нагласуваат дека во тек е изработка на нов закон за пасишта кој се прави. Една од поглавните измени ќе биде и зголемување на рокот на давање под концесија на пасиштата, по сугестија која потекна од фармерите.

Зоран Г. Маџоски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...