Парламентот на Хонг Конг официјално го повлече предлог законот за екстрадиција

122
ФОТО: EPA / JEROME FAVRE

Парламентот на Хонг Конг денеска формално го повлече спорниот предлог закон со кој се овозможуваше екстрадиција во Кина, но тоа најверојатно нема да ги прекине повеќемесечните протести, бидејќи со тоа е исполнето само едно од барањата на демонстрантите.

Учесниците во протестите наведуваат дека имаа „пет барања, не еден помалки“, што значи дека одлуката на Парламентот не значи ништо.

Претседателката на Владата на Хонг Конг, Кери Лам повеќе пати изјави дека педлог законот всушност е „мртов“, додека другите барања, вклучително и универзалното право на глас и амнестија за обвинетите за нередите не се во нејзина ингеренција.

Демонстрантите бараа и Лам да се повлече од власт и да се спроведе независна истрага за полициското насилство врз учесниците во протестите.

– Нема голема разлика помеѓу суспензија и повлекување (на предлог законот за екстрадиција)… Тоа е премалку и предоцна – изјави 27-годишната демонстрантка Кони, додавајќи оти Владата треба да ги исполни и другите барања, посебно барањето што се однесува на употребата на прекумерна сила од страна на полицијата.

Во протестите во Хонг Конг, што почнаа во јуни, уапсени се над 2.300 луѓе, двајца се застрелани од огнено оружје, а илјадници се повредени.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...