Париз ја проширува забраната за пушење цигари во 52 паркови

121

Градот Париз ќе ја прошири забраната за пушење цигари на јавни места во 52 паркови и градини, почнувајќи од 8 јуни, јави дописникот на МИА.

Оваа мерка следи по експериментот започнат во јули 2018 година, кога беше забрането пушење во шест паркови, што „придонесе за намалување на бројот на пушачи во овие паркови и на догорчиња од цигари фрлени на земјата“, се вели во соопштението на париската градска управа.

Со новата забрана ќе бидат опфатени уште 46 паркови и градини, согласно одлуките на општинските совети на париските арондисмани.

Во текот на првите недели од стапувањето во сила на забраната, градските власти ќе ги информираат пушачите за новите мерки преку информативни паноа и пепелници за догорчиња, што ќе бидат поставени на влезовите на секој од 52-та паркови и градини.

По овој „период на прилагодување“, што ќе трае до почетокот на јули, прекршителите на забраната ќе бидат казнувани парично со по 38 евра, колку што сега изнесуваат и казните за пушење на местата за играње за децата.

Пушењето на 500 детски игралишта во париските паркови е забрането од 2015 година, а Советот на Градот Париз во февруари годинава донесе одлука за прогласување на 19 улици за „зони без догорчиња“, каде, исто така, е забрането пушење.

Во Стразбур забраната за пушење цигари во парковите е во сила од 1 јули 2018 година, а слични забрани подготвуваат и други француски градови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...