Културно информативниот центар „Романса” од Македонска Каменица продолжува со културните активности во 2019 година. Како што информираше директорот на установата Горан Огнановски, денеска пред каменичката публика со триесетина свои дела во рамки на изложбата „Парижанка во Македонска Каменица“ ќе се претстави уметникот Лена Ѓуриќ.
– Богатата колекција од ликовни дела од авторката Лена Ѓуриќ досега се изложувани низ повеќе градови во Македонија, како Штип, Битола, Струмица, Радовиш, Виница, Свети Николе, Берово, Делчево, Пехчево и Скопје, а утре за прв пат ќе бидат претставени пред љубителите на уметноста од Македонска Каменица. Ќе ни биде задоволство да го претставиме творештвото на авторката која е еден од најголемите уметници, која овековечува мртва природа – истакна Огнановски.
Авторката Лена Ѓуриќ е родена во Свети Николе, а трисетина години од својот живот ги поминува во градот на светлината Париз, каде ги впива креативните енергии на најголемите светски репрезенти на уметноста. Париз е и местото, каде нејзиниот талент за уметност се развива и станува реалност. Последниве години, Лена живее и твори во Штип. На сликарското платно, таа овековечува портрети, жива и мртва природа.
Со утрешната изложба во М. Каменица ќе биде заокружена ликовната приказна на авторката Ѓуриќ која во изминатите месеци беше претставена во сите градови на крајниот Исток.