Владата да почне вистински реформи на јавните давачки посебно на неданочните и парафискалните давачки чиј број во последните години забрзано расте, а никој не води контрола за нивната оправданост. Ова го бараат бизнисмените, кои тврдат дека од година во година од нивните каси на овие давачки се издвојуваат високи износи кои скоро се еднакви со издвојувањето за данокот на додадена вредност и акцизите, а се повисоки од оние за данок на добивка и персоналниот данок.
Бизнисмените очекуваат прво да се создаде регистар на вакви давачки, а потоа да се направи анализа кои од нив се оправдани, а кои не. Според нив, дополнително е потребно дефинирање на тоа што влегува во поимот данок и да се воспостави поголема контрола на висината на јавните давачки и на одлуките за воведување нови.
На прес конфернеција во Стопанската комора, оперативниот директор на Стопанската комора, Анета Трајковска, рече дека анализата направена во повеќе сектори за периодот 2008-2016. покажала дека најизразит период за зголемување на бројот на парафискалните и неданочните давачки е 2014 година, но највисок износ на наплатени парафискални и неданочни давачки има во 2016 година кога, стопанството инкасирало над 251,5 милиони евра на буџетската сметка.
– Од 2008 до 2016 година, бројот на вакви давачки порасна за 84 нови давачки кои се уплатуваат на буџетската сметка. Од нив 18 се видови давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби, со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво во износ околу 20 милиони евра – рече Трајковска.
Според неа, бројката на нови оптоварувања за бизнисите е уште поголема, бидејќи дел од парафискалните и неданочните давачки се уплаќаат по одлуки на институциите, агенциите, локалните самоуправи кои имаат сметки во деловните банки.
– За нив државата не води евиденција и не врши контрола. Затоа бараме да се создаде регистар на сите давачки, за да може да се анализира нивната оправданост. Дополнително е неопходно сите досегашни сопствени приходи на државните органи, органите на управата и локалните самоуправи, агенции, дирекции, бироа и сл., да станат приходи на буџетот т.е. сите тие ентитети да се воведат во системот на буџетот – вели Трајковска.
Од Комората најавуваат и писмена иницијатива до Владата за реформи во јавните давачки во која ќе побараат покрај другото да се направи и прецизна класификација и разврстување на тоа што е данок, а што не.
– Во привичните препораки не се бара намалување на висината на одредени давачки или нивно укинување. Одредени давачки имаат своја оправданост и секако треба да постојат (пред сѐ, давачки за заштита на животна средина, концесии за користењето на природните богатства и сл.), тоа мора да биде предмет на подлабоки и сеопфатни анализи кои би биле пратени со природата на самите давачки, нивната намена во системот, користењето на приходите кои се остваруваат по тој основ и соодветната меѓународна практика – вели Трајковска.
Од Комората очекуваат како заинтересирана страна да бидеат вклучени во целиот процес на регистрирање и оценка на давачките.