Папата Франциск во Токио се сретна со преживеаните од катастрофалниот земјотрес, цунамито и нуклеарната катастрофа во Фукушима во 2011 година, при што го повика светот да се ослободи од нуклеарната енергија, доколку сака да остави иднина за следните генерации.
Околу 18.000 луѓе починаа или се сметаат за исчезнати по таканаречената „тројна катастрофа“, кога катастрофалниот земјотрес предизвика низа катастрофи чии последици Јапонците се уште ги чувствуваат.
Земјотресот кој тогаш ја погоди Јапонија беше со јачина од 9,3 степени според Рихтер, по што следуваше катастрофално цунами кое предизвикува нуклеарна катастрофа во електраната Фукушима.
Поради зрачењето беа раселени 160.000 луѓе, а 40.000 до денеска се уште не се вратени.
– Ќе мора да донесеме важни одлуки за користењето на природните ресурси, а особено идните извори на енергија, рече папата Франциск во Конгресниот центар во Токио.
По средбата со преживеаните од Фукушима, папата Франциск се сретна и со царот Нарухито, како и со премиерот Шиндзо Абе.
Папата претходно им оддаде почит на жртвите од американските атомски бомби фрлени врз Хирошима и Нагасаки на крајот од Втората светска војна.
Тој не изрази официјален став за нуклеарната енергија, но Ватикан претходно повика на „безбеден и мирен развој и функционирање на нуклеарните технологии“.