Паниката од корона го клекнува бизнисот на колена, никој не може да ги процени штетите

Министерката за финансии Нина Ангеловска, пак, вчера изјави дека сѐ уште е рано да се зборува за последиците на нашата економија од коронавирусот.

701

Колкави ќе бидат штетите врз бизнисите поради состојбите со коронавирусот не може да се предвиди, велат бизнисмени. Според нив, прв на удар е туристичкиот сектор каде што веќе се видливи штетите, но штети ќе имаат и бизнисите кои имаат деловни партнери во регионите каде што се шири коронавирусот, поради можноста од затворање на тамошните компании за подолг период. Тие велат дека се во исчекување што ќе се случува, а главен проблем сега им е неможноста да остварат директни средби со партнерите од странство.

Од Стопанската комора за туризам во која се вклучени 100 туристички агенции денеска излегоа со став дека паниката на населението го прави своето и веќе трпат штети оти почна откажување на аранжманите за Италија.

Според нив, загрижува фактот што поради стравот и видливата паникa кај граѓаните има обиди за откажување на аранжманите не само за земјите во кои се регистрирани заразени со коронавирус, туку и за земји каде што нема регистрирани заразени.

– Туристичките компании веќе ги имаат загубите со откажување на аранжманите. Ја чувствуваме паниката кај граѓаните и можно е да се соочиме со откажување на сите патувања, ако институцииите не понудат официјални информации за тоа што треба да се преземе и каде може да се патува. Освен што се откажуваат аранжманите за Италија веќе имаме информација за откажување на аранжмани и за земји каде што воопшто нема заразени од коронавирус – изјави Емил Димитровски претседател на Стопанската комора за туризам.

Тој додава дека сѐ уште нема официјално откажување.

– Имаме обиди за откажување, оти луѓето се плашат. Регистрирани се по 5 до 10 обиди за откажување на аранжмани за Србија, Бугарија… Во овие случаи ќе важат општите услови за откажување кои се дадени во договорите. Во тие случаи ако откажувањето е за седум дена се враќа 50 отсто од уплатите – вели тој.

Туристичките агенции се пожалија дека засега немаат можност да ги вратат парите за авиокартите за Италија, бидејќи авиокомпанијата кај која се уплатени парите има став дека нема да ги враќа картите, затоа најавуваат дека ќе преговараат картите да се користат во друг термин.

И од чевларската индустрија најавија дека стравуваат оти ќе им се намали производството поради ширењето на вирусот во Италија од каде што потекнуваат компаниите за кои работат.

– Засега немаме проблем во однос на обезбедувањето суровини, но што ќе се случува натаму ќе видиме – изјавија од чевларската индустрија.

Од Сојузот на стопански комори, пак, велат дека главен проблем е психолошкиот момент и неможноста да се остварат директни средби со партнерите од странство.

– Бизнисмените кои во изминатиот период преговараа со фирми на пример во Кина и се пред потпишување договор за извоз или увоз на одредени производи или суровини не можат да ги потпишат договорите поради тоа што не можат физички да присуствуваат таму. Дополнително и Самитот на групата 17 плус 1 каде што се договара соработка и се потпишуваат договори за идната осработка, годинава требаше да се одржи во Кина. И тука ќе имаме загуби во планирани а нереализирани увозно-извозни зделки. Сето тоа ќе се одрази врз бизнисите – вели Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори.

Според неа, стравот и неинформираноста на граѓаните и бизнисмените можат да се одразат на трговската размена со земјите во кои се шири коронавирусот.

– Поради неинформираноста бизнисмените се воздржуваат од нарачките, но стравуваат и од најавата дека дел од компаниите со кои соработуваат со компании а кои се наоѓаат во Кина и во Италија, има можност да се затворат подолг период и не ќе можат да увезат суровини или да извезат производи – додава таа.

Дополнителен проблем за остварувањето на деловните средби од вчера е и тоа што и кај нас веќе имаме инфициран од коронавирусот.

– Како сега ќе се однесуваат нашите партнери не се знае, но треба да се очекуваат секакви реакции. Какви ќе бидат последиците од можната паника и во бизнисот ќе треба да се пресмета на крајот од сето ова – велат бизнисмени.

По информацијата за привиот случај на корона во земјава висно паднаа и акциите на компаниите кои котираат на берза. На последниот ден за тргување на македонската берза повторно немаше ниту една акција која забележа раст на својата вредност.

Министерката за финансии Нина Ангеловска, пак, вчера изјави дека сѐ уште е рано да се зборува за последиците на нашата економија од коронавирусот.

– Од економската гледна точка е рано да се прават какви било предвидувања, а ја следат и глобалната економија со цел да се преземат и одредени активности – изјави вчера Ангеловска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...