Македонскиот композитор од светски глас, Панде Шахов, кој веќе долго време живее и работи во Лондон, е автор на „Концерт за пијано и оркестар број 2“, дело кое маестро Симон Трпчески, на 3-ти август, премиерно го изведе на отворањето на престижниот Кабриљо, музички фестивал за современа музика во Санта Круз, Калифорнија.
Соработката на Шахов и Трпчески трае со години, а во тек е и проектот „Македонисимо“, инспириран од македонската музичка ризница, кој ги полни светските сали до последно место и за кој се бара билет повеќе.
Панде Шахов го најдовме во САД, меѓу две патувања, меѓу две концертни изведби на Трпчески. И покрај неговиот многу тесен распоред, „украде“ време да ни раскаже како ја доживеал светската премиера на „Концертот за пијано и оркестар број 2“, за соработката со македонскиот виртуоз Трпчески, но и со други македонски музичари, за македонската премиера на „Македонисимо“, за тоа што го задржало во Лондон и за она што му недостига од родната земја.
Како ја доживеавте светската премиера на вашиот Концерт за пијано и оркестар број 2 на Фестивалот за современа музика во Санта Круз, Калифорнија?
– Да се биде сведок на премиерата на едно крупно дело, како што е Концерт за пијано и оркестар, е навистина огромно задоволство за еден композитор. Кога делото е изведено од врвни музичари како нашиот виртуоз со светско реноме Симон Трпчески, тоа е искуство кое останува во трајно сеќавање. Се потрудив да му овозможам да ја претстави својата музикалност и витруозност во вистинска светлина, но и да им донесе на музичарите и публиката еден подарок од Македонија – дел од нашата богата музичка ризница, осовремена преку еклектичен и колоритен оркестарски звук. Изведбата беше одлична. Симон ја импресионира публиката со својата непосредност, енергичност и љубовта кон македонскиот музички фолклор, а оркестарот со многу посветеност го придружуваше, и покрај комплексноста на ритмичката структура.
Каков беше приемот на американската публика имајќи предвид дека солист на концертот беше нашиот светски познат пијанист Симон Трпчески?
– Ова беше прв настап на Трпчески на фестивалот Кабриљо, но публиката беше добро информирана за неговите квалитети и со нетрпение се очекуваше неговиот настап. По завршетокот на Концертот, публиката долго време стоеше и ракоплескаше, и со овации ја поздрави премиерата. По концертот, но и во следните неколку денови, голем број колеги композитори, изведувачи и љубители на класичната музика ми честитаа, со многу позитивни коментари за делото и изведбата. Во таа смисла, публиката на Кабриљо е активно ангажирана и ја користи секоја прилика за комуникација со уметниците, што им даде на позитивните реакции уште поголемо значење. Ден по премиерата, учествував и на панел дискусија на која сите гости-композитори одговараа на прашања од публиката. Впечатокот е многу охрабрувачки, очигледно е дека им се допадна симбиозата на фолклорни елементи со суптилна игра на оркестарски бои, сето тоа исполнето на еден виртуозен и музикален начин од извонредниот Трпчески.
Вашето најново дело е инспирирано од македонскиот фолклор. Како фолклорот влијае во создавањето на вашите дела?
– Македонија има несомнено богата музичка традиција која е невозможно да се игнорира, без оглед на тоа за каква музика станува збор: поп, џез или класична музика. Кај мене, интересот кон народните песни и ора се јави откако заминав на постдипломски студии во Лондон. Една од првите композиции напишани во Англија е една композиција за гудачки квартет со архаична, орнаментална текстура, карактеристична за народна песна во ад либитум стил. И докторските студии беа насочени кон изнајдување нови начини на креативен ангажман во врска со фолклорот. Што се однесува до различните влијанија, можам да наведам три начина на поврзување на моите дела со музичкиот фолклор: преку цитати, со компонирање на музика со оригинални мотиви, но блиска до фоклорот, и како комбинација од првите две. Во концертот се работи за комбинација на цитати со оригинална музика.
Со оваа премиера ја продолжувате вашата соработка со маестро Трпчески, која последниве две години е исклучително плодна, со импресивниот прием на проектот Македонисимо насекаде низ светот. Кога Македонисимо ќе ја доживее македонската премиера?
– Се надевам наскоро. Со нетрпение очекувам да го презентираме овој проект во Македонија, па моите блиски, пријателите и колегите да можат да го слушнат резултатот од овој несекојдневен подвиг. Се работи за исклучително виртуозен начин на испреплетување на голем број бисери од македонската музичка ризница. 100-минутниот концерт го изградив така што комбинациите од петмината изведувачи никогаш не се повторуваат. Звукот е збогатен и со прекрасниот звук на нашиот кавал, но и голем број на народни удиралки, а Симон свири и на армоника! Како илустрација на еклектичниот аспект на делото ќе го наведам примерот на песната „Не си го продавај Кољо чифликот“, која ја поврзав со еден прекрасен цитат од Брамс!
Од кога се познавате со Трпчески?
– Уште пред да заминам за Лондон. Но, соработката започна кога ми ја нарача првата транскрипција „На Струга дуќан да имам“, за четири-рачно пијано. Потоа, дојде и суитата „Песни и шепоти“ за рециталот во Салата на кралицата Елизабета во сезоната 2009/10, а и најновиот „Концерт за пијано и оркестар“ е нарачка од Трпчески. Многу е важно што поголем број на нарачките да доаѓаат директно од изведувачи (солисти и диригенти, камерни ансамбли). Така, композициите ќе бидат афирмирани со елан и вистинска амбиција да се открие нешто ново.
Освен со Трпчески дали останавте во комуникација и со другите колеги од Македонија?
– Се разбира. Во Македонија има многу талентирани музичари и соработката со секој од нив е задоволство и голем поттик. Одлична соработка имам со нашиот диригент Борјан Цанев, дуото Кировски, извонредната Гонца Богоромова, ансамблот КонТемпора. Неодамна, Нино Димов и неговиот саксофон квартет изведоа мое дело во Загреб, на светскиот конгрес на саксофонисти. За Македонисимо, многу интересна и важна беше соработката со перкусионистот Влатко Нушев, од кого научив многу. Просторот е премногу мал за да се набројат сите со кои сум соработувал. Голем број од македонските музичари работат во странство, па и со нив се трудам да се поврзам, каде и да се. Сметам дека ни е потребна една солидна концертна агенција која ќе оформи долгорочна стратегија за инволвирање на сите оние кои одржуваат редовна концертна дејност, со цел да се создаде рамка за успешна соработка и, во крајна линија, да се анимираат и музичарите и публиката.
Кога заминавте за Лондон и што таму најмногу ве задржа?
– Во 1998 заминав на постдипломски студии на Кралскиот колеџ за музика во Лондон, како стипендист, добитник на сипендијата Чивенинг, на Британскиот Форин офис. Бргу ми стана јасно дека имам уште многу да научам. Атмосферата во Лондон ме стимулираше како композитор и ми се чинеше дека треба да останам подолго, за да си дадам шанса да апсорбирам што е можно повеќе знаење и инспирација од богатиот мулти-културен творечки потенцијал во еден од најзначајните културни центри во светот.
Додека студентите на Кралскиот колеџ учат од вас, што вие преку искуства научивте од Кралскиот колеџ?
– Научив дека има огромен број талентирани композитори околу мене, дека сум далеку од епитетот најдобар, но и дека не се работи за натпревар, барем не во доменот на компонирањето, на современата музика. Научив дека треба да се образува и негува идната публика преку креативни проекти кои инспирираат и поттикнуваат љубопитност од раното детство. Научив дека образованието е искрата и моторот на позитивните промени и реформите. Од друга страна, практичноста, искреноста и отворената комуникација се клучен фактор за успешноста на еден проект или животна цел. Се разбира, научив и многу конкретни композиторски, технички елементи. Човек никогаш не престанува да учи.
Што ви недостига од Македонија?
– Во Британија се чувствувам како дома. Се разбира за тоа придонесува семејството, сопругата Виржини и ќерката Анастасија. Но, сè повеќе ми недостигаат поширокото семејство во Македонија и пријателите, дружењето, веселбите и темелните дискусии со колегите. Но, се чини дека животот и навиките во Македонија се промениле во меѓувреме. Пред да заминам за Британија, општеството не беше толку поделено и нетрпеливо. Јас ги паметам луѓето како љубезни, трпеливи и непосредни. Многу е важно да ги менуваме само оние работи кои не чинат. Тоа што е добро, треба да го зачуваме и негуваме.