Палестинските милитанти од групата Исламски џихад соопштија дека ќе ги запрат нападите врз Израел од Појасот Газа.
Таквата нивна одлука уследи откако израелски воени авиони нападнаа 80 цели на Хамас во Појасот Газа. Нападот на израелската авијација беше одговор на 30 ракети истрелани врз јужниот дел на Израел.
Исламски џихад, вооружена група која дејствува во Газа, соопшти дека истрелала ракети во знак на одмазда поради вчерашното убиство на четворица палестински демонстранти од страна на израелската армија на границата со Појасот Газа.
Портпаролот на Исламски џихад, Даоуд Шехаб соопшти дека примирјето е договорено со посредство на Египет.
– По контактите помеѓу лидеритена Исламски џихад и браќата во Египет договорено е сеопфатно примирје, што веднаш стапива во сила. Исламски џихад ќе го почитува примирјето и доколку окупаторот (Израел) го направи истото, посочи Шехаб.
Претходно, израелскиот воен портпарол, потполковник Џонатан Конрикус ги обвини Сирија и Иран за вмешаност во ракетниот напад.
– Наредбите и поттикот пристигнаа од Дамаск, со очигледна вмешаност на ал Кудс силите на Иранската револуционерна гарда. Нашиот одговор не е географски лимитиран, посочи потполковник Конрикус.