Од 1-ви јануари 2019 година пазарџиите ќе треба да почнат да се снабдуваат со лиценци, согласно имплементацијата на Законот за зелени пазари, со што ќе можат да го решат проблемот и нивниот статус и ќе можат слободно без никакви пречки да продолжат да работат во зелените пазари, упати повик претседателот на Комората на трговци на Македонија Екрем Долек.
Лиценцата еден пазарџија за една тезга годишно ќе го чини 60 евра во денарска противвредност, додека за втора, трета или секоја следна тезга дополнителни 40 евра.
-Меѓутоа, тука има проблеми и пропратни барања што во соработка со државните институции мораме да ги решаваме. Бараме целосна соработка од страна на организаторите на пазарите, затоа што издавањето лиценци е голем процес што мора да се одвива со заедничка соработка меѓу организаторите на пазарите и Комората на трговци. На пример, лиценца може да ни побара лице кое работи на пазарот во Битола, Прилеп или Охрид, а ние ќе треба да му ја издадеме, иако не сме сигурни дали тоа лице поседува тезга во одредениот пазар. Од овие причини е битна соработката со организаторите на пазарите – изјави Долек.
Тој информира дека на средбата со премиерот Зоран Заев, што ќе се оддржи во најскоро време, ќе побара Владата да формира координативно тело што ќе има влијание врз пазарната инспекција, локалните инспекции и со Министерсвтото за внатрешни работи за решавање на проблемот со уличните диви продавачи на територијата на целата држава.
-Тие луѓе што работат 20-30 и повеќе години по пазарите до ден денес немаат ниту еден ден стаж, а со овој закон ќе имаат голем бенефит, односно ќе имаат социјална безбедност за утре да можат да имаат пензија – изјави Долек.
Пензионерите, според него, за да имаат стаж ќе треба да плаќаат по 2.000 денари годишно, бидејќи тие како Комора успеале да ги стават во поевтината тарифа земјоделец-поединец.
Во однос на тоа кој може да продава на зелените пазари, правната советничка/надворешен соработник на Комората на трговци Анета Стојановска рече дека оваа прашање согласно Законот за зелени пазари е регулирано во член 7 од Законот за трговија на зелени пазари.
-На тезги може да работат невработени лица кои се запишани во регистарот на Комората, физички лица регистрирани како трговци-поединци кои ја обавуваат дејноста трговија на мало на тезги и пазари и физички лица чие работење не надминува земјоделска дејност од помал обем и може да работат кои се во работен однос но се занимаваат со земјоделска дејност- рече Стојановска.