Павловска: Поддршка на мораториумот на Општина Центар

Ќе успееме ли во овој алтернативен експеримент на Општина Центар ако му искажеме ПОДДРШКА или ќе треба груба конфронтација со една некоегзистентна политика?Борбата за правото на град е тематска определба на граѓаните на Скопје. Тие се способни цивилизирано и со дигнитет да ја водат, иако понекогаш губат по некоја битка, но војната НЕ.

829
20150818 Tuesday 1127 opstina centar

Современата урбана состојба на градот Скопје се базира на еден неквалитетен и непочитуван, слаб и срамен, а дури на некој чуден начин, лажен просторно урбанистички систем. Мачно е да се признае дека втемелувањата на тој систем што се направени заедно со државните, биле толку нестабилни, кревки, менливи, па упадите и неговото рушење (напр. со Законот за легализација на бесправни градби) со невидена леснотија се правеле и продолжуваат да се прават, пишува архитектката Даница Павловска – Циги во писмото за поддршка на мораториумот на Општина Центар.

„Сите релациони сили помеѓу урбаните рецидиви и поновите физички  урбани творби, заеднички ја сочинуваат конфузијата што мораме да ја оправаме. Но, тоа може само  трансдисциплинарно, фронтално, заеднички – во цврста спрега со власта која реши да ја „ослободи и заздрави“ државата низ реформски процеси. Впрочем, државата е условена да ги рехабилитира и реетаблира сите поважни сектори во кои спаѓа и планирањето на просторот како високо економски значајна категорија на активности. Познато е дека  со континуирана хомогенизација на урбаните политики се обезбедува здраво безбедно живеење и се остваруваат основните човекови права. Неразбрани се сите досегашни укажувања од архитектите – просторните и урбанистичките планери, теоретичарите, експертите, релевантните во сферата,  за потребата од посебно министерство за урбанизам, а заради промислувачки толкувања на наследената критична ситуација на целата територија на државата. Непочитување на просторот како ресурс ја руши нашата државност, но тоа може да се чита во два нивоа на значења: со специфика на временски и просторни  контексти и со неминовноста на ниски управувачки капацитети.  Како и да е, се бара и се очекува сосема нов, современ, отворен и флексибилен просторно урбанистички систем со знатно иновирана законска регулатива како рамка за градење на нови трендовски политики. За жал, на тоа не се фокусираа ни внимаието, ни енергијата на актуелниот државен политички менаџмент, па дури се игнорираа обиди на понекоја локална власт да овозможи преиспитување и рехабилитација на постојното.

Зачудува што одговорниот секторски министер не го препозна мораториумот на Општина Центар како сигнал на вонредна состојба и очаен обид за ублажување на последиците од неквалитетното  урбанистичко  планирање. Зарем е можно дека незнаел дека не е момент за било каква продажба на драгоцено последно неизградено државно земјиште, иако за тоа има законски основ именуван со „дооформување на градежна парцела“? Зарем таквиот нетранспарентен процес и договор со приватен инвеститор не инсинуира коруптивност? Зарем така се координираат урбаните политики на различни нивоа за исти стратешки цели? Зарем така лесно се создава конфликтна ситуација во сериозно девастираниот градски простор? Зарем толку брзо врвниот правен субјект во државата – Уставен суд „одлучува дека незнае како да одлучува“, па бара време со донесување времена мерка за укинување на мораториумот? Со тоа Уставниот суд го дискредитира целиот процес на евалуација на плановите, го изсаботира добронамерниот гест на локалната управа („Здравје пред профит“) и дури искажа неважност на грижата за похумано живеење. А тука е и еснафската комора која го штити бизнисот на градежниците лоциран во централното градско подрачје и ја подвлекува неуставноста на мораториумот. Разочарувачко е сознанието дека нема да ги поправаме направените грешки затоа што сме неспособни да ги пронајдеме формите за тоа, ни на политички ни на морален план.

Ќе успееме ли во овој алтернативен експеримент на Општина Центар ако му искажеме ПОДДРШКА или ќе треба груба конфронтација со една некоегзистентна политика?

Борбата за правото на град е тематска определба на граѓаните на Скопје. Тие се способни цивилизирано и со дигнитет да ја водат, иако понекогаш губат по некоја битка, но војната НЕ“, стои во писмото на аркитектаката Павловска.

 

 

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...