Откриено е кој е предизвикувачот на труењето на рибите во Вардар, по кој се трагаше преку анализи на 6 мостри вода, и тој попладнево ќе биде обелоденет, преку соопштение за јавноста, дознаваме од инспекторите кои и денеска се на терен за овој случај. Тие не беа расположени да ни го посочат виновникот на труењето, ниту хемикалијата која била откриена во Вардар, пред истиот официјално да биде соопштен на јавноста.
По дојавата за масовниот помор на риби во Вардар, инспекторите на Град Скопје заедно со екипа на ЈП „Водовод и канализација“ за само 15-тина минути излегле на терен вчера попладне и успеале да земат неколку мостри од водата која потоа се испитуваше во лабораториите на скопски водовод.
– Откриено е од каде е хемикалијата, односно предизвикувачот на труењето и за околу 2 часа ќе следи соопштение за јавноста, почекајте дотогаш, Ве молам за трпение – ни изјави еден од инспекторите од Инспекторатот за животна средина.
Спрема предизвикувачот може да биде поднесена и кривична пријава, а за ваков прекршок следат прекршочна пријава и високи парични казни, ни потврдија претходно од Инспекторатот на Град Скопје.
– Веднаш по сознанието и алармот од ЦУК за тоа дека во Вардар се случил помор на риби, дежурните инспектори излегоа на терен, како и од „Водовод и канализација“ кои земаа урнеци од водата од 4 до 6 места и тоа и од делот којшто беше загаден и од чистиот дел. Државниот Инспекторат за водостопанство ја води постапката, а казните за овој прекршок се многу високи. Според она што е затекнато на терен, овде има основа и за барање кривична одговорност. Во најбрз рок ги чекаме податоците од анализите на мострите во „Водовод“ – ни изјави Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторатот на Град Скопје.
Во врска со тоа дека од „Макстил“ денеска претпладне излегоа со соопштение во кое тврдат дека тие не се причинители за поморот на рибите во Вардар, од Инспекторатот нагласија дека наскоро ќе биде соопштен предизвикувачот на труењето во Вардар, а дека компанијата „Макстил“ поседува А интегрирана дозвола за работење.
Од Градот вчера соопштија дека „Првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна „Железара“. Во координација со надлежните државни инспекции ќе следат вонредени инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти за ова загадување ќе бидат соодветно санкционирани“.