Откриен начин како крвните групи да се претворат во нулта

Научници веруваат дека со лабораториски тестирања откриле безбеден начин за промена на крвната група на донорот во универзалниот тип О (нулта).

316

Научници веруваат дека со лабораториски тестирања откриле безбеден начин за промена на крвната група на донорот во универзалниот тип О (нулта), крвна група што често е потребна во итни случаи кога доаѓа до недостиг на крв од одредени крвни групи, бележи Би-би-си.

Истражувачите објасниле дека во лабораториските тестирања користеле ензими што ги создаваат цревни бактерии и со нивна помош успеале ефикасно да трансформираат крвна група А во нулта крвна група. Ензим е секој протеин што е во состојба да катализира некоја биохемиска реакција во живи организми.

Клинички истражувања

Научниците од Универзитетот Британска Колумбија велат дека наскоро би можеле да почнат и клинички истражувања. Тие објасниле дека со помош на ензими од цревни бактерии успеале кај дарителите на крв да ги отстранат антигените од површината на црвените крвни клетки (еритроцити), присутни кај крвната група А, но не и кај крвната група О (нулта).

Нивното отстранување во овој процес е исклучително важно бидејќи споменатите антигени можат да предизвикаат кобна имунолошка реакција доколку се внесат во организам на личност која нема иста крвна група. Тоа значи дека имунолошкиот систем на примателот на крв „ќе помисли“ дека дарителот со крвна група А, всушност има крвна група О и нема да ја нападне (нема да ја регистрира како туѓо тело).

Во вонредни и итни случаи често нема многу време за проверка на крвната група на пациентот на кој итно му е потребна крв, поради што трансфузиолошките служби во резервите мора да имаат обезбедено доволно количини на нулта крвна група.

Оптимизам

Замислата за промена на крвната група со помош на ензими не е новост. Научниците од Британска Колумбија на оваа идеја работат веќе извесно време. Еден од нив, Стивен Видерс, кој резултатите од истражувањата ги изнесе на конгрес на Американското здружени на хемичари и биохемичари во Бостон, објаснил дека се покажало дека ензимите на цревните бактерии се најефикасни во овој процес.
– Оптимистичен сум бидејќи имаме многу интересен „кандидат“, со чија помош донираната крв може да се претвори во тип О. Секако, пред нас се уште многу клинички истражувања што мора да ги спроведеме за да бидеме сигурни дека нема да има никакви штетни последици, но засега се изгледа ветувачки – рекол Видерс.

Инаку, крвните групи по дефиниција се наследни и непроменливи карактеристики на човековиот организам, при што крвната група О е универзален донор затоа што нема антигени на своите клеточни мембрани.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...