Младинскиот културен центар (МКЦ) – Скопје отвори повик за интерактивна работилница за млади меѓу 16 и 20 години што е дел од истражувачкиот процес за меѓународниот театарски проект „Хорот“ (The Chorus Project), според трилогијата на Ајсхил „Орестија“. Македонскиот тим ќе работи на вториот дел од трилогијата, во режија на Ивица Димитријевиќ.
Бројот е ограничен на 30 учесници, а рокот за пријавување е најдоцна до 12 февруари 2019 година на chorusproject.mk@gmail.com.
Работилниците ќе се одвиваат во просториите на МКЦ во три фази, во три последователни викенди, со по две сесии дневно, во времетраење од 70 минути. Главна цел на претставата е реобмислување на улогата на Хорот во античките драми во однос на денешниот социо-политички и културен контекст.
Проектот е поддржан од Креативна Европа (Creative Europe), а во копродукција на МКЦ – Скопје, АпСтарт Театар (UpStart Theater) од Лондон, Патос (Pathos) од Минхен и Театар ам Ланд (Theater am Land) од Грац, се наведува во соопштението од МКЦ.